Сега ДУИ сака да ја „зароби“ државата

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

ДУИ нема да дозволел да се намали бројот на албански пратеници во Парламентот, вели Бујар Османи. Зошто?
Дали тоа ДУИ сака да биде душегрижник на сите партии на Албанците? Или пак да биде единствениот заштитник на сите Албанци во Македонија?
Овој став на ДУИ е врв на низата политички потези кои партијата ја враќаат на патот на патернализмот од времето на заедничкото владеење со ВМРО ДПМНЕ, кога државата беше де факто поделена на сфери на влијанија по етничка и бизнис основа.

Оправдувањето за попречување на промената на изборниот модел го креваат на повисоко етничко ниво, само за да ги подгреат етно-патриотскте чуства кај своите гласачи, не водејќи сметка за контра ефектот или пак намерно давајќи и „пас“ на ВМРО ДПМНЕ која на овој начин може да ги мобилизиа „своите“ етно-патриоти во заштита на правата на Македонците од агресивниот наплив на „албанизам“. Од што веројатно ќар ќе имаат обете.

Како инаку да се разберат одлуките со кои ДУИ не ги прифаќа забелешките на Венецијанската комисија за законот за јазиците, а ВМРО не го прифаќа целиот закон за јазиците, ДУИ не прифаќа промена на изборниот модел, и ВМРО не прифаќа промена, ДУИ поднесе илјадници амандмани за до спречи тоа, и ВМРО го направи истото. ВМРО ДПМНЕ не ги „дава“ своите стари кадри на правдата, и ДУИ не ги дава.

Се чини дека таман се ослободивме од „заробената држава“ од владеењето на ВМРО ДПМНЕ на Никола Груевски, на следниот агол не чека нова закана;

Македонија да стане заробена држава од страна на ДУИ.

И се некако во соработка со стариот коалициски партнер ВМРО ДПМНЕ.

Оваа партија се почесто покажува дека го губи осетот за реалните потреби на Албанците. Времето ја гази, а таа нема компас да се прилагоди на новите предизвици со кои се сочуваат граѓаните Албанци но, и сите други.
Упорно се трудат со нивната политика да ја излорираат албанската етничка заедница како на пуст остров.

Граѓаните Албанци одамна го сфатија тоа и затоа својата доверба од минатите избори наваму и ја даваат и на СДСМ и на другите албански партии. Потребите на Албанците не може да ги монополизира само една партија, ниту само албанские партии. Затоа што тие не се само албански, тие се граѓански и општо човечки.
Оттаму, уцените кои доаѓаат од страна на ДУИ во однос на изборниот модел, а во името на интересите на Албанците, се злоупотреба на гласот на граѓаните од оваа етничка заедница.

Недозволиво е за севкупниот просперитет на државата, за економскиот напредок и за подобар животен стандард на сите да се грижи само владеачката СДСМ, а ДУИ тоа да го материјализира како своја победа во борбара за правата на Албанците. Тоа е лага. Албанците и сите други етнички заедници живеат на ист простор и ги делат истите проблеми кои не можат да се решат одвоено, а бенефитот да не го имаат и другите. И обратно.

Но ДУИ свесна за тоа мора да продолжува да „креира“ нови етнички задачи за да го оправда своето постоење. Со намалување на отворените прашања за правата на Албанците се намалува и потребата од ДУИ како и од други партии на албанците кои во констелација на „едно општество за сите“, ја губат основата на своето постоење. Или во најмала рака им се намалува политичкиот простор на делување.
Времето на постоење на партии засновани на етничка основа не е поминато, се разбира, но целите и задачите, како и начинот на дејствување ќе мора да си го менуваат ако не сакаат да заглават во безидејност.
Контрадикторно е настојувањето на Албанците за европеизација и отвореност кон другите, со клаустрофобичниот етно-егзистенцијализам на партиите кои ги претставуваат на домашен терен.

Сепак, албанскиот политички кампус адамна веќе е плурален и тоа ДУИ нема да може да го спречи. Враќање на надминатиот „монолитен“ албански столб во кој ДУИ повторно би ја имал главната улога нема да биде лесно.
Демократизацијата на албанскиот дел од општеството е започнат и тој само ќе се развива како што е тоа случај и со останатите етнички заедници во земјава. Ако Македонците се организирани во педесетина политички партии и здруженија, ако речиси сите помали етнички заедници имаат по неколку различнии политички партии, тогаш зошто Албанците ни би имале избор на своја политичка артикулација во повеќе партии.
Зошто секогаш тоа мора да е ДУИ во власта?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот