Седум преспански земјоделци со средства од ИПАРД 2 ќе го осовременат производството

Турските инвестиции во земјава надминаа една милијарда евра, но има потенцијал за натамошни вложувања особено во обновливи извори на енергија/ Фото: МИА

Седум млади земјоделци од Преспа денеска добија договори за набавка на земјоделска механизација од ИПАРД 2 Програмата. Се работи за околу 65 илјади евра поддршка. Апликантите со овие средства од кои 45.000 евра се кофинансирани, ќе набават атомизери, косачка, ножички за режење, фрези, платформи со хидраулично подигање, тањирачи, приколици со агробар, еко боксови за скалдирање овошје, електричен стакер.

Договорите им ги врачи министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа во присуство на директорот на Платежна агенција, Никица Бачовски и на градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски.

Земјава, според ресорниот министер, е лидер во регионот по искористенот на ИПАРД фондовите.

– Лилјана, Исмаил, Џафер, Метин, Живе, Бујар и Андријана…со нивните инвестиции во земјоделското производство се најдобриот показател, дека европските фондови се достижни за секого и за секоја идеја за развој. Им честитам на визијата и желбата за работа во секторот земјоделство и им посакувам успех, кој ќе поттикне и други нивни колеги земјоделци и агробизнисмени да аплицираат и да ги користат средствата од ИПАРД, рече Хоџа.

Ценејќи го трудот на овие луѓе и вреднувајќи го нивниот ангажман во производството на храна, додаде, државата прави напори да им помогне, за да имаат поголема и посигурна заработка.

– Тоа најдобро се прави со модернизирање на производството, со што ќе им се олесни работата, а ќе имаат повисоки и поквалитетни приноси од земјоделските култури, посочи Хоџа.

Ресен, како што нагласи директорот на Платежната агенција, е одличен пример кога станува збор за искористување на средствата од ИПАРД, каде биле одобрени 260 проекти, по трите мерки со вкупна вредност од близу 4,6 милиони евра.

– Тоа се сериозни средства, кои се вложени во домашниот агро-сектор за инвестиции во модернизација на земјоделските стопанства, за модернизација на постојните или отворање на нови производни капацитети, кои на домашното произведено овошје и зеленчук му даваат додадена вредност. Со помош на средствата од ИПАРД 2 програмата сериозно го модернизираме домашното земјоделство, ги намалуваме производните трошоци, но, и работните часови на нива, а домашното производство станува поконкурентно, истакна Бачовски.

Тој нагласи дека по сите повици и мерки преку ИПАРД 2 склучени се 1.845 договори со вкупна вредност од 53,7 милиони евра прифатени трошоци.

– Од нив 1.354 апликати поднеле барања за поврат на средствата и на нивните сметки вратени се близу 14,6 милиони евра. Нема да застанеме овде, ќе продолжиме да креираме поволна клима за развој на домашното земјоделство затоа што тоа е нашата шанса за обезбедување на земјоделски култури пред се за потребите на нашиот пазар но и за извоз, рече Бачовски.

Градоначалникот Гошаревски, честитајќи им на младите земјоделци за можноста да го осовременат производството нагласи дека европските фондови може да биде достапни за секој и прилагодени за сечии потреби.

– Владата, МЗШВ и Платежната агенција и во иднина ќе останат двигател на развојот на руралните општини, преку креирање позитивни програмски мерки. Европскиот фонд за земјоделски развој може да биде достапен за секого и прилагоден за сечија потреба. Да го осовремениме Препсанското земјоделство и да станеме конкуреннтни на европските пазари, рече Гошаревски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот