18.8 C
Скопје

Седум македонски каратисти во Париз ќе бркаат олимписка виза

Како што е веќе најавено квалификацискиот турнир во карате за пласман на Летните олимписки игри во Токио ќе се организира во Париз (Франција) во периодот од 11-13 јуни 2021 година.

Олимписка виза ќе бркаат и македонските каратисти кои ќе се обидат да им приклучат на останатите двајца македонски спортисти кои веќе го обезбедија настапот на Игрите во Токио летово, Дејан Георгиевски во таеквондо и Магомедгаџи Нуров во борење.

Карате федерацијата на Македонија (КФМ) ќе биде меѓу најбројните делегации на претстојниот олимписки квалификациски турнир. Федерацијата има свои репрезенти во сите категории во борби во машка и во женска конкуренција, како и во кати за жени.

Нашите најдобри каратисти го заслужија тоа со пласманот меѓу 100 најдобри во своите категории на ранг листата на Светската карате федерација (WKF). КФМ во изминатиот олимписки циклус заврши со тројца олимписки стипендисти меѓу кои се двојниот европски шампион и освојувач на две златни медали на премиер лигите Емил Павлов, европскиот вицешампион и медитерански првак Берат Јакупи и Пулексенија Јованоска, која двапати беше петта на европски првенства. Петто место на сениорско европско има и Ангела Мојсовска, а седмо Симона Заборска, додека Петар Заборски и Вероника Костовска се поранешни европски медалисти во помлади категории.

Конкуренцијата ќе биде најсилна досега, затоа што светската елита е поделена во три олимписки категории, од кои пласман на олимпијадата ќе обезбедат само носителите на златен, сребрен и бронзен медал.

Во делегацијата се и селекторите во борби Сашко Арсовски и Стојан Андриевски во кати, еден од најдобрите светски судии Боби Војдиновски и Бесник Мурати, потпретседател на федерацијата. На овој квалификациски турнир ќе настапат 495 натпреварувачи од 98 земји.

Поврзани вести

Падобранецот на „Гринпис“едвај спасил жива глава, снајперисти го имале на нишан

Слободен печат

Ламело Бол е дебитант на годината во НБА

Слободен печат

Навивачка љубов: „Фалангата“ и украинските фанови заедно во Букурешт

Слободен печат

ВИДЕО: Италија ја суреди Швајцарија и се пласира во осминафиналето

Слободен печат

ФОТО: Јокиќ се врати во родниот Сомбор и веднаш седна во едносед

Слободен печат

Срамно, масовно се бришат видеата на кои Ѓоковиќ му го подарува рекетот на момчето од трибините

Слободен печат

Остави Коментар