Седница на Влада: Прво законски измени, па потоа да стапат на сила препораките на Комисијата за заразни болести

Фото: facebook

Прво измени во Законот за заштита на населението од заразни болести, па потоа прифаќање и спроведување на препораките на Комисијата за заразни болести за задолжително носење заштитни маски при престој на отворено, за забрана за групирање во домови на семејни прослави, како и предлогот за забрана за групирање на повеќе од четири лица на јавен простор по 22 часот . Ова е заклучок по 11-та седница на Владата што се одржа денеска.

– Владата донесе заклучок дека за нивна реализација е неопходно да се направат соодветни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести со што ќе се обезбеди можност со подзаконски акти Владата да ги уреди предложените мерки со цел спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел заштита на населението од заразни болести, се наведува во соопштението на прес-службата на Владата. 

Комисијата за заразни болести предложи задолжително носење заштитни маски или заштитна опрема (бандана, шал или друг вид прекривка на носот и устата) при престој на отворено, на затворено во јавни објекти, на работно место и во јавен и приватен транспорт. Исклучок од ова е спортување на отворен простор и на затворено со почитување на протоколите за заштита, при транспорт со приватно моторно возило ако сите лица во возилото се од едно семејство или живеат во заедничко домаќинство, во угостителските објекти со почитување на протоколите за дистанца и дезинфекција, при престој во службена просторија – канцеларија ако лицето е само во просторијата, како и за децата до шест години, односно за деца од претшколска возраст.

Меѓу предлозите на Комисија и за забрана за групирање во домови на семејни прослави, слави и други собири во групи, при што се предлага на семеен настан во едно живеалиште, стан или куќа да може да се примат најмногу четири луѓе, како и да се забрани групирање на повеќе од четири лица на јавен простор после 22 часот, односно да се забрани групирање по паркови, јавни површини или било каде на отворено.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот