Седниците на Советот се претвораат во желботеки на поединци, тврдат од Општина Карпош

Седниците на Советот мора да бидат добро подготвени, да се разговара за сериозни точки на дневен ред од кои граѓаните ќе имаат бенефит, а предложениот дневен ред, како што објаснуваат од Општина Карпош и намерите на одредени советници ни оддалеку не кореспондира со потребите на жителите на Карпош. Токму од тие причини, како што тврдат оттаму, градоначалникот како предлагач на дневниот ред ги повлекол сите точки кои беа планирани за седница на Советот на Општина Карпош, закажана за во петокот.

Општина Карпош со жалење констатира дека и по осуммесечно работење, поединци од Советот на Општината не можат да ги надминат сопствените фрустрации и членувањето во овој витален орган на локалната самоуправа го сфаќаат како место за исполнување на сопствените хирови. На седниците на Советот се носат најважните одлуки кои се интерес на граѓаните на општина Карпош. За жал, граѓаните се ставаат во втор ред, а седниците на Советот и интервенциите во дневниот ред се претвора во желботеки на поединци, не водејќи сметка за последиците врз граѓаните и врз локалната самоуправа – информираат од Општина Карпош.

Според нив, загриженоста на дел од советниците не произлегува од неефикасноста на Советот и нерешавањето на проблемите на граѓаните, туку единствена грижа им претставува фактот што за месец јули нема да земат паушал од околу 20.000 денари.

Советничките од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“ информираа дека градоначалникот Стевчо Јакимовски, на седницата на Советот, која требаше да се одржи во петокот, ги повлекол од дневен ред точките предложени од негова страна, без објаснување зошто го прави тоа. Тие се сомневаа дека причина е нивниот поднесен предлог : Предлог – Одлука за изготвување стручен елаборат за суспензија на применувањето за блок 08 од ДУП за Градска четврт 3 05 .

Со сличен став излезе и претседателот на Советот, Бранко Ристов, кој истакна дека градоначалникот по вторпат оневозможува седница кога се гласаат точки за ДУП кои не му се во интерес.

 

Видео на денот