Седница на Советот за координација: Актуелните глобални предизвици бараат одговор од сите членки на НАТО
Членовите на советот размениле мислења и за актуелните состојби, вклучително и реализацијата на одлуките донесени на Самитот на НАТО во Вашингтон и за состојбите во Украина, заложбите за обезбедување долгорочна поддршка на Украина, како и за исполнувањето на нашите обврски за промовирање на безбедноста на регионално и глобално ниво заедно со другите сојузници во НАТО
Како кредибилен сојузник, нашата земја останува посветена кон својата определба за придонес за зачувување на колективната безбедност и регионалниот мир, стабилност и просперитет. Воедно, согласно нашите можности и капацитети, остануваме посветени за обезбедување на одржлива поддршката за Украина и нејзините стремежи за постигнување на мир. Импликациите од актуелните глобални безбедносни предизвици бараат обединет и силен одговор од сите членки на Алијансата, изјавил премиерот Христијан Мицкоски на денешната седница на Советот за координација на активностите поврзани со членството на Македонија во НАТО.
Мицкоски, како претседавач на Советот, ја истакнал важноста од нашето членство во НАТО, како и блиската меѓуинституционална координација во рамките на Владата, по значајни прашања од агендата на НАТО и реализацијата на нашите обврски кои произлегуваат од членството во Алијансата.
-Во оваа прилика упатуваме благодарност до сојузниците со кои заеднички ги споделуваме Евро-атлантските вредности и одговорности за нашата заедничка безбедност и стабилност, како и за поддршката која ја даваат за зајакнување на националните капацитети и одржување на нивото на подготвеност како земја членка на НАТО – порачал тој.
На седницата се обрати и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во својство на ко-претседавач со Советот.
-Денешниот состанок на Советот, кој претставува платформа за сеопфатна размена на информации и дискусија за сите значајни теми и градење на национални позиции, како и предлагање на одлуки за нивна имплементација, е практичен доказ за нашите заложби за квалитетен придонес кон унапредување на регионалниот мир и стабилност, но и целокупната трансатлантска безбедност. Наша цел е да се фокусираме на воспоставување на целосно функционална, ефективна и одржлива структура, каков што е Советот, во насока на натамошно зајакнување на нашите институционални капацитети, креирање политики и дефинирање на ставови, подеднакво важни за земја и за Алијансата – порачал Муцунски.
Министерот за одбрана, Владо Мисајловски ги избрифирал за активностите во полето на одбраната, поврзани со Декларацијата донесена од страна на шефовите на влади и држави кои учествуваа на Самитот на НАТО во Вашингтон.
Членовите на советот размениле мислења и за актуелните состојби, вклучително и реализацијата на одлуките донесени на Самитот на НАТО во Вашингтон и за состојбите во Украина, заложбите за обезбедување долгорочна поддршка на Украина, како и за исполнувањето на нашите обврски за промовирање на безбедноста на регионално и глобално ниво заедно со другите сојузници во НАТО.
Од Владата информираат дека Советот ќе има редовни состаноци за да одржи соодветна динамика на активно следење на состојбите и потребите на Алијансата, согласно обврските кои произлегуваат од нашето членство во НАТО.