Седма титула за Новак Ѓоковиќ на Вимблдон

Новак Ѓоковиќ, еден од најдобрите светски тенисери/фото: EPA-EFE/TOLGA AKMEN

Новак Ѓоковиќ ја продолжува доминацијата на Вимблдон и со победата во денешното финале над Ник Кирјос во четири сета со 4:6,6:3,6:4,7:6 го крена шампионскиот пехар на последните четири изданија на најпрестижниот тениски турнир.

Ова е седми триумф на Ѓоковиќ на Вимблдон, со што  се израмни по бројот на триумфи со неговиот идол Пит Сампрас, додека Рожер Федерер има еден триумф повеќе.

Исто така дојде до 21. гренд слем титула за Ѓоковиќ и повторно му се приближи на Рафаел Надал кој има 22 триумфи на најголемите тениски турнири, додека му избеда на Федерер кој остана на 20. Ѓоковиќ доминира во последните четири изданија на Вимблдон, пред Кирјос во финалињата губеа и Кевин Андерсон (2018), Рожер Федерер (2019) и Матео Беретини (2021).

Србинот во финалето беше подобар од Ник Кирјос кој конечно блесна на најголемите турнири и за прв пат играше во финале на гренд слем турнир.

Австралиецот се закани, но откако Ѓоковиќ го пронајде својот ритам, успеа да направи пресврт и на крајот да го крене шампионскиот пехар.

Мечот започна со сигурен сервис на двајцата тенисери, Ѓоковиќ во првиот гем му дозволи два поени на Кирјос, а Австралиецот возврати со иста мерка во вториот гем. Потоа следеа посигурни сервиси за 2:2, по што во петтиот гем првиот удар го зададе Кирјос.

Австралиецот одлично ретернираше и играше од основната линија и дојде до 15:40 и брејк топки. Ја искористи втората и поведе со 2:3, а потоа со нула потврди брејкот. Сигурен беше и во следните два гема на свој сервис, со тоа што во десеттиот гем ја искористи втората сет топка за 4:6.

На Ѓоковиќ веќе му стана традиција на Вимблдон, по загубен прв сет, да одигра одлично во вториот, па така беше и во финалето. Во четвртиот гем со нула направи брејк и поведе со 3:1 и предноста ја задржа до крајот за 6:3 и израмнување 1:1 во сетови. Во деветтиот гем тој уште еднаш го покажа шампионскиот карактер бидејќи успеа да се врати од 0:40, да спаси три брејк топки, потоа уште уште една и на крајот да го освои гемот.

И во третиот сет имаше само еден брејк и тој го направи Ѓоковиќ и тоа во деветтиот гем за 5:4 и на свој сервис го потврди брејкот и поведе со 2:1 во сетови.

Во четвртиот сет, и Кирјос и Ѓоковиќ сервираа најдобро дотогаш во мечот, гемовите завршуваа експресно, а најблиску до брејк беше Ѓоковиќ во петтиот гем кога освои само два поени на сервис на противникот. Со таква игра, очекувано беше сетот да замине во тај-брејкот.

Тај-брејкот започна со двојна сервис грешка на Кирјос, но и Ѓоковиќ греши на свој сервис за 2:1. Сепак, Србинот веднаш го натера Кирјос да погреши, ги загуби двата сервиси по ред и Ѓоковиќ поведе со 4:1 која не ја испушти и со 7:3 славеше во четвртиот сет, што воедно значеше и 21 гренд слем титула во кариерата и седма на Вимблдон.

Доколку во меѓувреме не се променат одлуките, Новак Ѓоковиќ нема да настапи на УС Опен бидејќи владата на САД не дозволува влез во земјата за странски државјани што не се вакциниран против коронавирус.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот