Седи дома, стани херој и нареди се со ордени на пижамата

Фото: Слободен печат

Соочен со ова карантинско херојство, во кое не треба да си Силвестер Сталоне во „Рамбо 3“ или Капетан Младен на „Козара“, туку само еден совесен граѓанин облечен во пижами, како дроби бисквити во чаша полна млеко и како врти по каналите на телевизорот, сфаќаш дека животите се бранат и со неактивност, излежување и требење на фрижидерот.

Седи дома и спасувај животи, ечи од сите страни во времето на заразата. Јас си седам и досега имам спасено илјадници животи. И не само што седам, туку и лежам по дома. Лежам пред телевизорот подолго од секој полициски час, па успеав тоа Нетфликсот двапати да го свртам. Така залегнат констатирам колку сум бил наивен на времето кога мислев дека хероите гинат во некоја епска битка.

Како и секој маж на оваа планета и јас имам мечтаено во младоста како вооружен до заби бранам некоја позиција од објективно бројно посилен непријател. Како пукам од калашот по еден куршум за да заштедам, а отспротива паѓаат непријателите како по тактот на „Турски марш“. Еден двајца, тројца… веќе се 13-ина мртви терористи, а шаржерот само половина испразнет. Но, битката трае, а и мечтаењето прогресира, па јас сум единствениот преживеан од четата, која веќе два дена е на последната линија на одбраната, на едно селце во кои има само жени и деца. Доколку јас настрадам, тогаш трагедијата ќе биде огромна. Затоа не смеам да попуштам. Ги бројам преостанатите куршуми и се тешам дека ќе биде доволно, иако знам дека ќе ми требаат трипати повеќе. Среќа имам доволно гранати. Во магацинот има и еден пушкомитралез. Го земам со една рака, а со другата го придржувам реденикот. Пукам без милост, зошто знам дека од другата страна никој нема да ми понуди милост. Јас пукам, а тие паѓаат како муви попрскани со „пипс“. Во еден момент „јарецот“ закочува и јас реагирам со три едноподруго гранати, кои прават невиден „ремет“ кај непријателот. Тоа ќе ми даде малку време да здивнам. Се враќам во засолништето. Отпивам една голтка вода, а потоа и уште една. Водата е единствениот луксуз денеска, бидејќи храната беше изедена уште вчера. Каква врска има тоа, кога и онака нема да ми треба храна повеќе. Од заднина се слушаат непријателски наредби. Знам дека часот е дојден и дека треба да ја дадам својата „последна стража“. Се вртам и извикувам „Кадињача“, пукам и менувам шаржери. Веќе не ги бројам мртвите тела што го пренатрупаа просторот околу засолништето. Веќе немам муниција, но здогледувам дека во магацинот останала една „базука“ со четири ракети. Ја земам „базуката“, знам дека ги живеам последните мигови, но знам и дека со секоја секунда помината во ова засолниште спасувам по еден живот. Пукам еднаш, пукам вторпат, забележувам како внесувам паника во редовите на непријателот кој, сепак, одбива да попушти. И кога ја палам и последната ракета, знам дека тука е крајот, дека мојата борба за животите на другите заврши. И наеднаш над главата ми прелетуваат авиони што сеат смрт по непријателските редови. Тоа се нашите авиони. Победата е обезбедена, а животите на невините се спасени.

Нормално дека мечтаењето продолжува со моето враќање во селото, каде што дечиња ме пречекуваат со цветни китки во рацете. Месното училиште го носи моето име, девојките ги облекле неделните комплетчиња, а вдовиците ми ги превиваат раните. Мечтаењето продолжува… хм, продолжува.

Соочен со ова карантинско херојство, во кое не треба да си Силвестер Сталоне во „Рамбо 3“ или Капетан Младен на „Козара“, туку само еден совесен граѓанин облечен во пижами, како дроби бисквити во чаша полна млеко и како врти по каналите на телевизорот, сфаќаш дека животите се бранат и со неактивност, излежување и требење на фрижидерот.

Ја забришувам горната пижама накапана на неколку места, на која веќе би требало да има барем три ордена, и полн со самодоверба се залетувам во кујната, каде што жена ми на Јутјуб го прегледува рецептот за „лења пита“. И тогаш како Хемфри Богарт во „Казабланка“ ја превртувам за половината и со смел глас ѝ велам – внимавај како го печеш пилето во рерна, минатиот пат малку суво испадна месото.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот