Се враќа отпишаната институција претседател

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Претседателот Стево Пендаровски покажа потенцијал да биде клучен играч во разрешувањето на политичките кризи во земјава и да го врати изгубениот кредибилитет во институцијата претседател на државата, коментираат домашните политички аналитичари.

Тие потсетуваат дека последниот македонски претседател кому му успеал таквиот план беше покојниот Борис Трајковски, кој пред точно 18 години го потпиша Охридскиот договор и со тоа стави крај на воениот конфликт со кој беше зафатена земјава.

На завчерашната прес-конференција по повод расчистувањето на аферата „Рекет“, претседателот Пендаровски немилосрдно ја „пушти низ вода“ специјалната обвинителка во оставка Катица Јанева, недвосмислено се огради од премиерот Зоран Заев, застана цврсто зад институцијата Специјално јавно обвинителство (СЈО), повика на законска и политичка одговорност, а на обвинителите им порача дека сега не е време за одмор и дека треба да спроведат брза истрага.

Според аналитичарите, со ваквиот негов пристап, шефот на државата практично покажа дека ја избрал правдата пред партијата, нешто на кое македонскиот народ веќе одамна заборавил дека е можно да се очекува од еден висок државник. Експертите додаваат дека многу е веројатно во иднина и странците да го промовираат Пендаровски како мировен фактор што ќе се обиде да помогне Македонија да тргне по европскиот пат.

По последното излагање на Пендаровски, аплаузи стигнаа од повеќе универзитетски професори и политиколози, а интересно е што тоа задоволство „го подели“ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Дури и словенечкиот новинар Ларис Гајсер вчера на Пендаровски му посвети цела колумна во италијанскиот весник „Ла верита“, кој ја следи аферата „Рекет“. Тој напиша дека македонскиот претседател заземал висок институционален профил, свесен за фактот дека се наоѓа на врвот на една држава што има висококорумпиран судски систем. „Пендаровски се кандидираше да ја заземе улогата на спасител на татковината. Во едно црно сценарио, во кое премиерот Зоран Заев изгледа осуден на лош крај поради изнесените докази, Пендаровски станува единствен гарант за евроатлантската перспектива на Македонија“, напиша Гајсер.

Поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски, смета дека актуелниот шеф на државата е најдоброто нешто што ѝ се случило на Македонија во последно време и дека без проблем може да се наметне како главен играч во решавањето на политичките кризи што би следувале.

– По назначувањето за претседател на државата, Пендаровски крајно достоинствено и успешно си ја извршува функцијата. Се обидува да биде балансер на разликите во политичките програми и настапите на главните политички партии во институциите. Се однесува рационално и неговиот пристап кон опозицијата е далеку поразличен од пристапот што го имаше неговиот претходник Ѓорге Иванов. Меѓу другото, претседателот што легитимно е избран преку избори, практично има легитимитет од граѓаните да ја игра таа улога на балансер, а јас мислам дека Пендаровски тоа многу добро го прави. Тој секако е главен играч во рамките на својата функција и сметам дека тој нема да штити никој што работи надвор од Уставот или законите. Доследен е на своите ставови и затоа мислам дека тој е најдоброто нешто што ѝ се случило на Македонија. Долги години наназад ние не сме имале претседател што бил независен од партијата што го поддржала при неговата кандидатура. Дај Боже да продолжи да работи онака како што започна – порача Петковски.

Партија на пензионерите: Пендаровски ќе ја врати вербата на нацијата

Партијата на пензионери се огласи со поддршка на ставот на претседателот Стево Пендаровски дека нема правна држава ако се гонат само криминалци од претходната власт, односно ако правдата се спроведува селективно.

„Со тоа што Пендаровски побара сите споменати во аферата да дадат самоиницијативно изјави пред органите на прогонот, тој покажа дека е претседател на сите граѓани. Неговата изјава ја оценуваме како коректна, државничка и неоптоварена со политички квалификации“, наведено е во писменото соопштение.

Оттаму додаваат дека Пендаровски ќе ја врати вербата на нацијата дека остануваме на евроатлантскиот пат, но ќе придонесе и за зачувување на довербата на меѓународната заедница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот