Се уништуваат 400 свињи на фарма во Виничка Кршла заразени од африканската чума

Фото: Архива

Агенцијата за храна и ветеринарство од утрово почна постапка за уништување на околу 400 свињи на фарма во селото Виничка Кршла, откако бил добиен позитивен лабораториски наод дека се заболени од африканска чума.

Потврдата за заболувањето на свињите во соседната Општина Виница доаѓа само еден ден по информацијата од Агенцијата дека успешно е спречено ширењето на болеста во кочанските села Мојанци и Тркање.

-Се работи за една од трите поголеми свињарски фарми во атарот на ова село, а принудени сме сите грла безбедно да ги уништиме и да ги отстраниме од одгледувалиштето. Превентивно, ќе мораме на ист начин да дејствуваме во радиус од три километри околу фармата, што значи дека ќе бидат опфатени и малите одгледувалишта во кои жителите за сопствени потреби чуваат само по неколку свињи. Истовремено, продолжуваме со земањето мостри од другите фарми за навремено да спречиме понатамошно ширење на болеста. Ова ќе предизвика неповолни економски последици за фармерите, но е единствен начин да се дејствува, со оглед што во светот не постои лек или вакцина против африканската чума кај свињите, истакна Вања Кондратенко, раководител на Секторот за здравствена заштита и благосостојба на животните во Агенцијата за храна и ветеринарство.

Ширењето на африканската чума во источниот регион од државата беше евидентирано откако на почетокот на годината заболувањето се потврди во приватни одгледувалишта на домашнин свињи во околината на Македонска Каменица, поради што беше забранет и ловот на диви свињи.

Фармерите се загрижени дека заболувањето може значително да го намали бројот на свињи и ќе им нанесе значителни загуби. Нивните проценки се дека годишно од извоз на свинско месо и преработки од свинско месо се остварува приход од 100 милиони евра, а околу десет илјади семјества директно или индиректно се вклучени во одгледувањето свињи. Притоа, над 60 отсто од одгледувалиштата се индивидуални, со помал број грла, а останатите се на компаниите и месните комбинати. 

Министрите на денешната владина седница ја задолжија Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) да достави информација до Владата за состојбата со африканската свинска чума во земјата.

Како што соопшти владината прес-служба, Владата донела заклучок за преземање активности за формирање Координативно тело за ефикасно институционално справување со последиците од оваа болест и заштита на свињарските фарми. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот