Се топи во уста, готова за 20 минути: Рецепт за проја со кашкавал која останува свежа до три дена

Пројата од жолто пченкарно брашно некогаш била главна храна на трпезите на нашите претци, а и денес со задоволство ја јадат сите генерации.
Покрај тоа што е вкусна, таа има и здравствени предности. Пченкарното брашно е исклучително здраво поради тоа што го намалува холестеролот и високиот крвен притисок, добро е за дигестивниот систем, а поради цинкот го јакне и имунитетот.
Пројата низ годините претрпе и неколку верзии во однос на состојките. Денеска ви донесуваме рецепт за домашна проја со кашкавал и мешавина од пченкарно и пченично брашно. Наместо ситно сирење, во пројата ставете кашкавал и следете го упатството чекор по чекор.
Состојки:
– 10 лажици пченкарно брашно
– 5 лажици пченично брашно
– 1 лажица прашок за печиво
– 3 јајца
– 7 лажици масло за јадење
– 200 милилитри јогурт
– 150 грама кашкавал
– сол по вкус
Подготовка:
1. Изматете ги јајцата, па додајте им јогурт и масло.
2. Додајте ги пченкарното и пченичното брашно, претходно помешани со прашокот за печиво, па мешајте додека не добиете хомогена смеса.
3. Исечкајте 100 грама кашкавал на коцки и додадете ги, па повторно добро измешајте.
4. Посолете по потреба.
5. Сипете ја смесата во претходно подмачкан со масло плех за печење.
6. Изрендајте го преостанатиот кашкавал, па посипете го врз пројата.
7. Печете околу 20-на минути во рерна загреана на 200 степени.
Напомена: Никако не претерувајте со солта, ако претходно не сте го пробале кашкавалот.