Се токми новиот собраниски деловник: Плус пратенички прашања за опозицијата, скратени рокови за интерпелација

Собрание
Фото: „Слободен печат“- Драган Митрески

Конститутивната седница, верификацијата на мандатите на пратениците, изборот на комисијата за избори и именувања, пратеничките прашања, интерпелацијата, се некои од точките од новиот собраниски деловник за кој власта и опозицијата постигнале начелен договор викендов на средбата во Маврово. Сепак, дали ќе има нов собраниски деловник ќе зависи од тоа дали за сите отворени прашања ќе има договор помеѓу власта и опозицијата.

Опозициските пратеници ќе добијат уште една можност во месецот на премиерот и на министрите да им поставуваат пратенички прашања освен веќе утврдената седница за пратенички прашања која се оддржува секој последен четврток во месецот. Според пратеници учесници на средбата во Маврово, власта и опозицијата се договориле на првата нова седница секој месец прва точка да бидат пратенички прашања, односно опозицијата два часа да поставува прашања до Владата. Допрва треба да се дорегулира времетраењето на поставување на прашања и добивањето одговори. Се размислува за повеќе опции за опозициските пратеници да може да постават повеќе прашања. На тие седници, право за поставување пратенички прашања ќе има само опозицијата.

Новина на редовната седница за пратенички прашања пак, е дека опозицијата веднаш ќе почне со поставување на пратенички прашања, бидејќи на пратеничките прашања кои биле поставени писмено, сега, Владата нема да одговара, туку одговорите ќе бидат ставени на веб-страницата на Собранието. Ова било предлог на власта, додека од опозицијата велат дека останува да се допрецизира бидејќи сметаат дека Владата треба да одговори на тие прашања, а пратеникот да се изјасни дали е задоволен или не.

Според истите извори, договорено било во новиот деловник да се скратат роковите за интерпелацијата. Предложено е одговорот за интерпелација за министер наместо 15, да биде 10 дена, а новина е дека кога ќе се закаже интерпелацијата таа да биде прва точка на седницата. Со ова, нема да се одолговлекува со интерпелациите како што е пракса.

Пратениците предложиле и допрецизирање на деловникот и во делот на конститутивната собраниска седница за да се избегне во иднина да се повтори сценариото од 27 април, кога повеќе месеци беше заглавен изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието и кога власта конечно реши да го спороведе изборот, се случи „крвавиот четврток“.

Според договореното, за верификација на мандатот на пратениците на конститутивната седница предложено е претресот да трае најмногу еден ден. Според актуелниот Деловник, не е прецизирано колку трае претресот. Еднакво како верификацијата на мандатите и за изборот на собраниската комисија за избори и именувања предлогот е претресот најмногу да трае еден ден. Предложено е и дека Собранието ќе се смета дека е конституирано со изборот на претседател на Собранието, односно од верификација на мандатите, преку формирањето на комисијата за мандатно имунитетни прашања до изборот на претседател на Собранието да трае вкупно три дена.

Остануваат редовните консултации секој понеделник на претседателот на Собранието со координаторите на пратеничките групи. Измени има кај точката на дневен ред која и припаѓа на опозицијата дека на таа седница предлогот на опозицијата ќе биде прва точка.

На наредна средба на претставниците од власта и од опозицијата, која се најавува дека ќе биде во Скопје се очекува да се кршат копјата за должината на дискусиите. За ова се уште нема согласност од опозицијата бидејќи сметаат дека на тој начин тие се ограничуваат. Ќе треба да се отвори и прашањето за филибастерингот, за употребата на европското знаменце на законите, како и за употребата на уставното име на државата. Според учесниците, средбата во Маврово била конструктивна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот