Се „шушка“ дека Ахмети ќе се откаже од „зелената агенда“?

Али Ахмети Фото: Драган Митрески

„Зелената“ агенда на ДУИ, не издржа ни една недела. Градоначалникот на општината Липково, од редовите на интегративците Ерхан Арифи најави изградба на спомен кула на ОНА во околината на кумановско Слупчане. Локалните власти за изградба ќе потрошат ни помалку, ни повеќе 200.000 евра општински пари. Слободен печат се обиде да контактира со градоначалникот, но од неговиот кабинет бевме информирани дека тој бил на состанок.

Остана неодговорено и прашањето колку споменици на УЧК до сега има изградено во липковскиот крај. Според неофицијални партиски извори, идејата за уште еден споменик во липковскиот крај кој и така изобилува со спомен обележја на УЧК, произлегува од лошиот одзив на „зелената“ агенда, меѓу партиското членство, но и од мајтапењето на политичките опоненти (Алијанса и Алтернатива) на сметка на интегративците. Во партијата наводно се оворила и дискусија дали со „еколошката“ опција да се оди до крај на овие локални избори или, пак, за некој месец да падне во заборав.

Според неофицијални партиски извори наводно „зелената“ агенда на ДУИ било изнудено решение откако не поминало ниту едно од двете барања на Ахмети кај Заев, 100 дена премиер Албанец и Албанец да биде заеднички кандидат за градоначалник на Скопје. Дури тогаш Ахмети, велат нашите извори очајно се фатил за „зелената агенда“. Поради лошиот одзив и меѓу партиското членство извори во ДУИ за Слободен печат не ја исклучуваат можноста за некој месец партијата да се откаже од намерата да решава еколошки проблеми во државата.

Во ДУИ не беа достапни за коментар околу гласините дека партијата ќе дигне раце од „зелената агенда“.

Аналитичарот Ибрахим Мехмети за Слободен печат вели дека „зелената“ агенда на ДУИ е неочекуван и ризичен потег кој на партијата може да им донесе нов полет и енергија, или штета и пад на рејтингот кај гласачите, бидејќи таа е надвор од досегашната агенда ДУИ.

-Дали ќе биде едното или другото, ќе зависи од исполнувањето на „зелената агенда“, што не е толку едноставно, како старите теми со кои досега се бавеле. Новата агенда бара стручност и работа, но и соработка со невладиниот сектор и со граѓани. Ова не е тема за која тие имаат готови сознанија, туку е многу широка и се однесува на сите граѓани. Што значи дека за да се реализира мора да добие поддршка и од владата, а не само од еден министер. Агендата за која зборува Ахмети е национална и бара широка политичка поддршка. За да добие широк фронт на поддршка ДУИ ќе треба да ги координира и другите аспекти од партискта програма со „зелената агенда“ за да можат да бидат компатабилни и да ја добијат поддршката од поширок број на граѓани, вели Мехмети.

Аналитичарот Арсим Зеколи во колумна за Дојче веле пишува, дека „зелена агенда“ на Ахмети меѓу Албанците била дочекана со дводневни салви на подбивање, за разлика од Македонците кои ја протолкувале како пресврт дека ДУИ станува модерна партија која го врти курсот од едничка во граѓанска опција.

-Посегнувањето по екологијата е перфиден, но однапред безуспешен обид на партиска надворешна тактика за внатрепартиската стратегија на расчистување со старите кадри на патриотштината и нивна замена со новата реколта на млади граѓанисти. Рокадите во ДУИ можеби ќе имаат релативен успех во рамките на партијата, но се однапред осудени на дебакл во однос кон јавноста, посебно неопределените кон ДУИ и негативно определените кон младите граѓанисти предводени од Артан Груби. Судејќи според шегобијноста и цинизмот на Ахмети во неговото последно интервју, се чини дека и тој самиот не е премногу убеден во сериозноста на сопствената УЧК Паркови и Зеленило трансформација, пишува Зеколи.

Опозициската коалиција Алтернатива и Алијанса, реагираше најжестоко за „зелената агенда“ на ДУИ. Според нив не може тие што сечеа шуми и оставаа пустош зад себе сега да станат екологисти.

-Рамиз Мерко сече дрва секој ден и узурпира зелени површини, додека Ахмети зборува за животната средина. Денеска Тетово нема вода за пиење и има загаден воздух, а Ахмети зборува за квалитетен живот. Денеска Чаир има урбан хаос, без вода и канализација, а Ахмети зборува за екологијата. Денеска општина Липково живее во близина на брана, а нема вода, додека Ахмети зборува за вода и зеленило“, изајви Флакрон Беџети-Портпарол на Алијансата за Албанците.

На 19. роденден на ДУИ Ахмети порача дека партијата ќе води нова политика за еколошка правда и квалитетен живот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот