Сè што некогаш сте сакале да знаете за сексот, а сте се плашеле да прашате

Многу сакам да бидам Бујар Османи, заменик на претседателот на Владата, задолжен за европски прашања и да ги „тртам“ своите вработени за викенд. Всушност, никогаш не ме привлекувала политичка кариера, освен да бидам како еден мој познајник од Европската Унија, градоначалник во место од 20 илјади жители, па да им бидам кум на свадба на најголем дел од младенците за време на мојот мандат.

Всушност, сакам да сум како него, не само поради прославите, туку поради тоа што ме почитуваат оти се грижам за нив. На сличен начин се грижел и селскиот врач во некои други времиња и општества. Воедно, мојот познајник не е член на ниедна партија, иако добива поддршка и од неколку респектабилни организации поради своите резултати во заложбата за пристоен и здрав живот на сите жители од општината.

Ама да баталиме селски свадби, главниот порив за моето ненадејно скршнување од она што некои го нарекуваат животно начело, а некои други еволуција, е принципот наречен синхроницитет. Творецот на овој принцип, инспириран од класичното дело на древната кинеска филозофија Ји-Џинг, Карл Густав Јунг, го дефинира како принцип на безусловна поврзаност. Тој вели дека како што настаните може да бидат поврзани каузално, може да бидат поврзани и по значење. Според источната филозофија, синхроницитетот е оној невидлив патоказ, всушност, божјата порака ако така повеќе ви милува да го восприемите.

Сихроницитет

Сихроницитетот што ме извади од патики оваа недела, беше следниов: јас во еден ден, во мој текст, пишувам за тоа дека „Зелено ви се пишуе“, а неколку денови подоцна читам вест во која европските Зелени бараат ЕУ да одобри почеток на преговори за членство во октомври. Доживеав „ривелејшн“. Да не спомнувам и дека скоро ги величав Словенците, а баш денес читам дека Љубљана ќе стане прв европски град без отпад и за момент се почувствував како „онаа“ гатачкана на „оној“ азилантон.

Ама, попат, да баталиме и синхроницитети, и Јунг, и Ји-Џинг, и гатачки; јас многу сакам што побрзо да влеземе во Европската Унија. И не сум од оние што мислат дека ќе ни тече мед и млеко кога ќе влеземе, а уште помалку сум од оние што мислат дека ЕУ е одлична замена за Југославија. Јок. Јас ги љубам генералните принципи и основната рамка на „Политиката за животна средина“ на Европската Унија. Толку ги љубам што посакувам да се занимавам со нешто што ми личело и несериозно и несвојствено за мене, со „омрзнатата“ во народ професија, односно со политика.

Според усвоената стратегија на ЕУ за животната средина, таа претставува стремеж кон постојано подобрување на квалитетот на животот преку поттикнување на просперитет, заштита на животната средина и социјална кохезија. И тој стремеж е изразен преку низа строги законски решенија, проследени со исто толку „строг“ инструментариум за спроведување. И тој стремеж е и повеќе од видлив во голем дел од членките на Унијата, па едните веќе се возат со електрични возила, другите од отпад прават струја, а третите имаат струја и веќе не произведуваат ѓубре, како Љубљана, на пример. И во оние земји што не се (повеќе!) членки на Унијата постои тенденција на усогласување со нејзините критериуми за животната средина, па не за џабе „нормалните“ британски медиуми и нивната стручна јавност се прашуваат како ќе се одрази брегзит и отстапувањето од „строгите“ европски норми, токму на животната средина во кралството што, впрочем, е и еден од главните аргументи за антибрегзит.

Всушност, и во тоа е сексот со членството во ЕУ, сите „ние“ ќе мораме да покажеме стремеж кон постојано подобрување на квалитетот на животот на повеќе начини. Начелото на еден од главните јунаци во филмот на Вуди Ален „Сè што некогаш сте сакале да знаете за сексот, а ви било страв да прашате“, вели: Не си видел ништо додека не видиш сè. Јас се радувам што ние, заглавени во секојдневните ѓубриња, Катици и Јордани, ќе имаме можност и да ја видиме и да ја спроведеме „големата слика“ и уживам во романтичната еротска драма, т.е. филмот што ни следи.

Подобро еротика отколку ваков порно-филм

Нема машко што некогаш не посакало да биде Роко Сифреди, главниот „швалер“ во порно-филмовите, оној за кого нема пречки и на кого секогаш му е „дигнат“ работниот потенцијал, па затоа и кај мене се јави желбата да учествувам во овој политички Пентхаус. Ете, бре, зошто сакам барем за викенд да бидам како Бујар, министер за евроинтеграции, ревносно да се нафатам за спроведување на најважните државотворни закони, па како воајер да „фатам“ живи пар прекршители на законот за животна средина, па да „плеснам“ неколку директори со по два-триесет илјади евра казна или да „залепам“ црвена забрана за работење на газето на некоја фабрика-загадувач. Сакам да сум дел од организирана продукција за возрасни, во која додека јас се „сексам“ со едните, мојот колега задолжен за царина лично да ги враќа камионите со токсичен отпад назад, односно да промовира сејф-секс преку директно користење на законската „заштита“, а колешката од правосудство да се „самозадоволува“ со „вметнувањето“ на зелените принципи на ЕУ во тендерските документации.

Верувам дека овој вид еротика е поблизок до нашите граѓани од вистинскиот порно-филм (од сомнително потекло) кој ни се случува, па затоа би уживал да бидам и еден од продуцентите на еден ваков политички „порнич“, што за мене лично, уствари, би бил љубовен трилер. За мене тој би бил нешто налик на модерна Емануела, бидејќи таа е ем убава, ем паметна, ем многу секси, баш поради тоа што е самостојна и во својата глава и во своето однесување. Всушност, сакам да сум и сценарист, и сценограф, и снимател, и монтажер во истиот филм што пред вас, драга публико, ќе го промовираме со слоганот: Добре дојдовте во културниот натпревар на народите 2 точка икс икс икс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот