Се санираат состојбите во рудниците во РЕК Битола

Зачуденоста на вработените, додаде, е уште поголема зашто Мицкоски бил и директор во еден период.

Се санираат состојбите во рудниците во РЕК Битола по елементарната непогода и поплавите кои се случија на откопните полиња за јаглен предизвикани од обилните врнежи во изминатиот месец, а особено во последната недела.

Во рудниците денеска повторно беа генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски и директорот на РЕК Битола, Златко Ќурчиевски.

Како што соопшти АД ЕСМ, исклучливо со сопствени средства и ресурси, неколку багери се вратени во функција, се испумпува водата и калта од откопните полиња, се вложуваат напори за брза набавка на неопходните дополнителни технички ресурси. Доколку е потребно, ќе пристигне и помош од соседна Србија, каде компанијата сродна на АД ЕСМ има искуство со неодамнешни поплави на производствените капацитети.

„Предизвиканите штети на системот за ископ и транспорт на јаглен нема да влијаат врз производната цена на електричната енергија, бидејќи сите ресурси се осигурани од страна на соодветно осигурително друштво и штетата за комбинатот и за компанијата ќе биде покриена“, наведува компанијата.

Генералниот директор Ковачевски изрази благодарност за пожртвуваноста на сите вработени во РЕК Битола и во АД ЕСМ при санирањето на последиците од поплавите. Воедно, тој ги осуди нападите врз РЕК Битола и вработените од страна на ВМРО – ДПМНЕ, со оценка дека во моментов таквите партиски пресметки преку грбот на најголемиот државен производител на електрична енергија се несериозни и штетни за целата држава која во најголем дел се снабдува со струја од РЕК Битола.

-Вчера се состана Управниот одбор на АД ЕСМ заедно со стручниот колегиумот на РЕК Битола токму тука во комбинатот. Беа утврдени понатамошните чекори кои ќе се преземат и беа утврдени конкретните задачи по служби и по секој еден вработен. Мотивацијата меѓу вработените е голема, сите се на работните места, нема годишен одмор, нема викенд, сите се вратија на работа за да дадат свој придонес овој комбинат кој е гордост на сите нив повторно да се врати во нормално функционирање и да го надмине овој голем и огромен предизвик за сите нас. Тоа што не помага и што создава чувство на разочараност кај вработените се политичките пресметки што се прават преку нивниот грб од страна на опозициската партија ВМРО ДПМНЕ и нејзиниот претседател Христијан Мицкоски, истакна директорот.

Зачуденоста на вработените, додаде, е уште поголема зашто Мицкоски бил и директор во еден период.

– Сега од него дочекаа да слушнат дека не треба да им се дава и вода за пиење по рудниците. Го повикувам Мицкоски да дојде тука, ќе го однесам во рудникот ако нема отидено, за да види што е рудник, што се рудари и што е елементарна непогода во јагленови откопни полиња, изјави Ковачевски.

Директорот на РЕК Битола, Златко Ќурчиевски информираше дека во изминатиот период во рудниците се правеле и дополнителни брани и канали за да се заштитат пониските места за ископ и на тој начин е спречено да дојде и до полоша ситуација од моменталната. Ќурчиевски изјави дека со натчовечки напори на вработените во комбинатот, во функција полека се враќа дел од механизацијата за ископ.

-Во функција веќе е вратен еден од багерите, 323, а очекуваме до утре во функција да се врати и багерот 630/1 со претоварниот уред, и со тоа да го обезбедиме континуираното снабдување со јаглен на термоелектраната и да го одржуваме нивото на депонијата на моменталната состојба, односно околу 80.000 тони јаглен, што е вообичаена количина за летниот период. Сите сили во наредниот период ќе бидат насочени кон оспособување и најголемиот багер, КУ 300, рече Ќурчиевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот