Се санираат штетите од обилните врнежи од дожд и поплавите во Кочани

Обилни врнежи од дожд и поплави во Кочани
Обилни врнежи од дожд во Кочани / 24 јули 2022 / Фото: МИА

Обилните врнежи од дожд и град, проследени со силни атмосферски електрични празнења, што синоќа го зафатија Кочани создадоа проблеми во функционирањето на комуналната инфраструктура во градот.

Од надојдената вода поплавени се голем број дуќани во приземјето на Трговскиот центар, оштетени се ветробрански стакла на возила од паднати дрвја и гранки, а поради попавување на улицата „Глигор Апостолов – Гочо“ неколку часа во прекин беше сообраќајот кај ОУ „Св. Кирил и Методиј“.

„Од 21 до 3 часот по полноќ имавме дваесетина интервенции, главно за расчистување на паднати дрвја, црпење вода од подруми и објекти, отстранување отпад од капаците на шахтите за атмосферска канализација по улиците и поддршка на сообраќајната полиција во регулирањето на соообраќајот. На терен синоќа беа скоро сите пожарникари од нашата единица, а поддршка добивме и од петнаесетина членови на Доброволното противпожарно друштво и од Дирекцијата за заштита и спасување. Најкритично беше на улиците околу ОУ ‘Св. Кирил и Методиј’, каде и утрово има наши екипи кои им помагаат на граѓаните во пумпањето на водата од подрумите и отстранувањето на штетите“, истакна Драган Апостолов, командир на ТППЕ – Кочани.

Од невремето и силниот ветер искинати се повеќе водови за електрична енергија и на кабелската и комуникациската мрежа, а прекин има и кај јавното осветлување во дел од населбите во градот.

Екипи на комуналното претпријатие „Водовод“ од утрово се на терен и ангажирани се на отстранување на наносите и отпадот во канализациската мрежа, како и на обезбедување нормално водоснабдување на граѓаните.

На бројот за итни повици 112 во текот на ноќта и изутрината имало поголем број повици и пријави за штети од паднати дрвја и поплавени објекти, како и за прекин во снабдувањето со електрична енергија, прекин во интернет врските и кабелската телевизија.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот