Се сакаа бескрајно и умреа еден по друг: Љубовната приказна на Леонард Коен и неговата Мeриен

Фото: Profimedia

Канадскиот кантавтор Леонард Коен, кој е роден на денешен ден, почина во ноември 2016 година – само четири месеци по смртта на неговата љубов од младоста и најголема муза, Мериен Илен.

Кога дознал дека неговата сакана Мериен е болна од леукемија и дека деновите ѝ се избројани, тој веднаш ѝ напишал трогателно писмо кое, за среќа, таа успеала да го прочита пред да почине.

„Мериен, дојде времето кога сме навистина стари и нашите тела се распаѓаат, и мислам дека ќе дојдам по тебе наскоро. Знај дека сум многу блиску зад тебе, и дека ако ја испружиш раката можеш да ја допреш мојата. Знаеш дека секогаш те сакав, твојата убавина, твојата мудрост, но не морам да кажам ништо повеќе затоа што тоа веќе го знаеш. Сега само сакам да ти посакам добар пат. Збогум стара пријателке. Бескрајна љубов.“

Норвежанката Мериен Илен била во љубовна врска со норвешкиот писател Аксел Јенсен кога дознала дека тој, всушност, ѝ е неверен. И покрај бројните афери и неговата емоционална нестабилност, тие тргнале на заедничко патување во Грција. Тие го избрале островот Хидра за нивно место на живеење, каде живееле како рани хипици. Во меѓувреме, двојката се венчала и го добиле синот Аксел џуниор. Сепак, неверниот писател ги продолжил своите бројни љубовни афери. Во моментот кога младата Мериен почнала да го прифаќа фактот дека нејзиниот сопруг нема да се смени, музичарот Леонард Коен влегол во нејзиниот живот.

Фото: Archivo / Alamy / Alamy / Profimedia

Во 1960 година, музичарот купил куќа на островот Хидра и таму го наоѓал својот мир за пишување.

„Чекав во ред на каса во продавница во моментот кога Леонард се појави на вратата. Беше прилично сончево, па не можев добро да му го видам лицето. Ми рече ‘Знам што ти се случи. Излези на сонце и да се напиеме чаша вино’. Тогаш не знаев дека тој веќе е запознаен со изневерувањето на Аксел и мислам дека многу се сожали за мене и за бебето. Но, добро се сеќавам дека кога нашите очи се сретнаа за првпат, почувствував пецкање по целото тело. Кога се вратив дома, го најдов Аксел во кревет со друга жена. Воопшто не ми пречеше. Се чувствував како да летам“, искрено раскажала Мериен.

Набргу потоа, Леонард и Мериен станале љубовници и започнале заеднички живот во Монтреал. Мериен се развела од Аксел во 1961 година, а Леонард го прифатил нејзиниот син како свое дете. Во 1963 година, тие се вратиле на островот Хидра.

Дефинитивно, Мериен била негова најголема муза за делата кои ги создавал во тој период. Како што е општо познато, песната „So Long, Marianne“ е инспирирана од преубавата Норвежанка. Исто така, тој ѝ ги има посветено и песните „Hey, That’s No Way to Say Goodbye“ и „Bird on the Wire“.

Но, во годината(1967) кога светот ја слушна песната „So Long, Marianne“, Леонард и Мериен се разделиле. Иако нивната љубовна врска не опстанала, тие продолжиле да го негуваат нивното пријателство, кое траело сѐ до крајот на нивниот живот.

Во текот на седумдесетите, Коен започнал љубовна врска со уметницата Сузан Елрод, со која ги добил синот Адам и ќерката Лорка. Потоа имал љубовни врски и со француската фотографка Доминик Исерман и актерката Ребека де Морнеј.

Во 1973 година, Мериен засекогаш се вратила во Осло, каде што водела стабилен живот и работела во компанија за изградба на нафтени платформи. За жал, нејзиниот син Аксел развил низа здравствени проблеми и голем дел од неговиот живот го поминал во психијатриски болници. Сепак, Мериен не ги поминала овие животни болки сама. Таа го запознала инженерот Јан Киланд Станг на нејзиното работно место и се омажила за него во 1979 година.

Документарецот „Marianne & Leonard: Words of Love“ е посветен на големата љубов на легендарниот музичар и неговата муза. Доколку сѐ уште не сте го изгледале – топла препорака.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот