Се развива велосипедската инфраструктура во Скопје – велосипедот најбезбедно превозно средство за време на пандемијата

Фото: Град Скопје

Градските власти информираат дека во тек е јавниот повик за субвенционирање за купување велосипед за жителите на Скопје, што Градот го распишува веќе неколку години по ред.

Град Скопје оваа година Светскиот ден на велосипедистите го пречека справувајќи се со предизвиците на светската пандемија на коронавирусот, која го наметна велосипедот како најбезбедно превозно средство.

Скопје / Фото: Твитер / Град Скопје

Градските власти информираат дека во тек е јавниот повик за субвенционирање за купување велосипед за жителите на Скопје, што Градот го распишува веќе неколку години по ред. Средствата што Град Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице.

– Годинава интересот за набавка на велосипеди е драстично зголемен, особено по појавата на епидемијата на коронавирусот, за што говори и фактот дека само во првиот ден од објавувањето на јавниот повик поднесени се 696 барања од граѓаните за субвенции за купен велосипед. Зголемениот интерес и почитувањето на физичката дистанца меѓу граѓаните коишто аплицираа резултираше со формирање редица подолга од 200 метри околу седиштето на Град Скопје, се вели во соопштението од Град Скопје.

До крајот на денешниов ден поднесени се вкупно 2.173 барања од граѓаните за субвенции за купен велосипед и 191 барање за купен тротинет. Градските власти ги охрабруваат граѓаните кои имаат интерес да поднесат барање за субвенции, да го сторат тоа и во текот на утрешниот ден.

Фото: Град Скопје

Град Скопје информира дека во изминатите две години ја интензивираше изградбата на нова и реконструкцијата на постојната велосипедска инфраструктура што резултираше со годишен просек од околу 14 километри новоизградени и реконструирани велосипедски патеки и велосипедски ленти.

Градските власти посочуваат дека го следат примерот на повеќе светски метрополи кои како одговор на епидемијата работат на мотивирање на граѓаните повеќе да користат пешачење и велосипед како поздрави форми на мобилност во однос на автомобилскиот и јавниот превоз.

Град Скопје соопшти дека во моментов се работи на изградба на велосипедски ленти на коловоз на улиците „Св. Кирил и Методиј” и „4-ти Јули”, а велосипедски патеки се градат на булеварите „АСНОМ” и „Киро Глигоров” и на улицата „Благоја Стефковски”.

Новата велосипедска лента на улицата „Св. Кирил и Методиј” е со ширина од 1,5 метри, а е добиена со стеснување на постојните три коловозни ленти од 3,5 на 3 метри. На тој начин се добива побезбеден сообраќај преку смирување на автомобилскиот сообраќај, бидејќи ширината на сообраќајните ленти од 3 метри е идеална ширина за брзина на движење од 50 км/час колкаво што впрочем е законското ограничување на максималната брзина на движење на автомобилски сообраќај на градските улици.

До крајот на годинава, како што се наведува, се очекува да биде изградена нова велосипедска инфраструктура на булеварот „Александар Македонски” и на улиците „Васко Карангелески”, „Франклин Рузвелт” и „Никола Парапунов”.

Фото: Град Скопје

Покрај брзата изградба на нови велосипедски патеки и велосипедски ленти на коловоз, во насока на превентивна заштита од коронавирусот, а со цел ослободување на повеќе простор за велосипедски и пешачки сообраќај како најбезбедни од тој аспект, Град Скопје го започна отстранувањето на 240 рекламни објекти (билборди и ситилајти) кои во минатото биле поставени на јавни површини кои го ограничуваат просторот за движење на велосипедистите и пешаците. Најголем дел од овие рекламни објекти биле поставени на јавни површини во централното градско подрачје, а дел од нив биле поставувани и на велосипедски патеки, спротивно на сообраќајните прописи.

Покрај овие рекламни објекти за кои постои договор помеѓу Град Скопје за приватните концесионери, предвидено е и интензивно отстранување на нелегално поставени рекламни објекти на јавните површини на повеќе локации во градот.

Фото: Град Скопје

Град Скопје информира дека во претстојниот период ќе ги продолжи интензивните активности во насока на развивање нова и унапредување на постојната велосипедска инфраструктура нудејќи практични сообраќајни решенија кои ги мотивираат граѓаните уште помасовно да го користат велосипедот како превозно средство во насока на постигнување одржлива урбана мобилност на долг рок.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот