Се разгорува војната околу спортските ваучери: МОК контра АМС

Даниел Димевски, претседател на МОК
Даниел Димевски, претседател на МОК / Утрински брифинг

Директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Наумче Мојсовски има проблем со државните институции задолжени за спроведување на законот, а не со Олимпискиот комитет (МОК) ниту со мене лично, одговори претседателот на Комитетот Даниел Димевски на претходното соопштение со кое Агенцијата ги отфрли како „тенденциозни и целосно неточни“ наодите за злоупотреба на спортските ваучери што во петокот ги објави Државната комисија за спречување на корупцијата, а на коментарите на МОК, кои уследија веднаш потоа, возврати со тврдењето дека токму Димевски е „идејниот творец и креатор на системот на спортски ваучери“.

– Посочениот директор има проблем со државните институции задолжени за спроведување на законот, а не со Олимпискиот комитет ниту со мене лично. Тој има проблем со конкретни наоди на Државниот завод за ревизија и следствено на наодите на Државната комисија за спречување на корупција и Јавното обвинителство во РСМ. Таму треба да го адресира своето соопштение и да се повика на својата презумпција на невиност која му е единствена опција во моментов. Што се однесува на делот од соопштението каде лично сум споменат, му благодарам на директорот за точната информација дека јас лично сум креатор и творец на ваучерскиот систем за финанасиска поддршка во спортот. Верувам дека многу спортисти и спортски субјекти видоа бенефит од мојата идеја преточена во конкретна законска рамка без која денеска скоро ниеден спортски субјект неможе да опстои и да се развива. За жал практицирањето на системот е сведен на проста најчесто коруптивна распределба на средства од страна на еден човек со име Наумче Мојсовски – се вели во соопштението што го испрати Димевски.

Во соопштението тој тврди дека сите контролни механизми кои ги има интегрелното решение на ваучер системот свесно од страна на директорот се ставени вон функција со што истиот е комплетно деградиран.

– Комисијата која треба да предлага е нем извршувач на неговите налози, а Советот кој патем тој го предлага е аминувач на истите. Кој е близок и има бизнис релации со него е награден, сите други казнети. Ова е само пародија на системот кој може и мора да функционира независно од волјата на директорот или било кој друг центар на моќ. Критериумите се поставени да се почитуваат, а не со нив да се манипулира како што е моменталната пракса во АМС. На крај, моето разочарување е плод на високите очекувања што ги имав од спортската легенда Наумче Мојсовски, кој како директор, за жал, целосно потфрли – тврди Димевски.

Укажувајќи дека многу важни теми од спортот и бројни ветувања останаа нереализирани.

– Не видовме ништо од пензиите за заслужните спортисти. Не видовме ниту нови спортски сали, базени уште помалку. И Домот на спортови го загубивме по пат, како што изчезнаа и новиот Закон за спорт и Стратегијата за спорт пет пати ветувана. Регистерот на активни спортски клубови не се направи, а транспарентноста од страна на овластената државна институција е оценета како катастрофална. Ова е за жал реалната слика и прилика на АМС раководена од директорот Наумче Мојсовски. Му посакувам на директорот да се врати во спортот во друга функција различна од оваа која евидентно не е за него – заклучува Димевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот