Се разбуди највисокиот активен вулкан во Европа: Етна исфрла лава и пепел до 100 метри во височина

Фото: EPA-EFE/ORIETTA SCARDINO

Се разбуди Етна, најголемиот и највисок активен вулкан во Европа, објавија италијанските медиуми. Лавата од Етна еруптираше во два крака – едниот кон долината Бове, а втората кон северниот дел на кратерот на вулканот.

Ерупцијата на лавата, проследена со облак од пепел кој достигна висина од неколку стотици метри, беше спектакуларна, изјавија очевидци, пишува британски „Експрес“.

Вулканската пепел ги покри автомобилите во селата на Сицилија, откако југоисточниот кратер на вулканот исфрли вжарена лава. Локалните власти известија дека црн пепел е пронајден и на места на дваесетина километри од Етна.

Ерупцијата беше видлива и од градот Таормина, оддалечен педесетина километри.

„Експрес“ потсетува дека на Бадник во 2018 година, поради ерупцијата на Етна, во прекин беше воздушниот сообраќај, и дека четири дена потоа островот беше погоден од земјотрес со јачина од 4,9 степени, со епицентар во близина на Катанија.

Првиот запишан доказ за ерупцијата на Етна, вулкан висок 3.300 метри, датира од 425 година п.н.е., и иако ерупциите се чести, тие ретко предизвикуваат голема штета.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот