Се расипа компјутерскиот томограф во Охрид, пациентите плаќаат 100 евра на приватно!

Сто евра на приватно плаќаат пациентите од Охрид на кои што им е потребно снимање со компјутерски томограф, затоа што тој во охридската болница е расипан, десет години стар и не е поправен.

Пациентите се жалат дека иако плаќале здравствено осигурување целиот свој живот, кога им е потребна здравствена услуга истата мораат да ја бараат од приватни дијагностички центри, наместо да им биде покриена од страна на Фондот за здравство.

Пациенти се пожалија до нашата редакција дека биле во незавидна позиција деновиве, затоа што двајца членови во семејството доживеале мозочен удар, а за процедурата компјутерска томографија семејството морало да плати приватен преглед, и тоа за двајца пациенти, само за да бидат примени на болничко лекување.

Компјутерскиот томограф во охридската болница е расипан поради прекористеност, вели директорот на болницата за Слободен печат. / Фото: ЈЗУ Општа болница Охрид

-Апаратот за снимање во општата болница Охрид со месеци не работи и кој знае од која причина не се поправа. Затоа пациентите се насочуваат во приватен дијагностички центар, приморани да платат за основна дијагностичка проценка која што треба да ја покрие Фондот. Кога човек слуша дека нешто лошо му се случува некому, тоа изгледа далечно и апстрактно, сите мислиме дека нема баш нам да ни се случи. А деновиве, мојата блиска пријателка преживува страшна ситуација, каде што двајца членови на тесното семејство, конкретно сопругот и мајката, добиваат мозочен удар и е приморана да плати за наведената дијагностичка процедура за воопшто да бидат примени во болница. Конкретно, едно снимање чини 5.900 денари. Во овие денови кога очекуваме да ја надминеме оваа страшна пандемија, забораваме дека покрај ковид постојат и други болести кои треба соодветно да се третираат а на пациентите и нивните семејства да им се запази достоинството, ни изјави Лилјана А. од Охрид.

Таа додаде дека на пациентите им е нарушено достоинството, затоа што молат од врата до врата за нивните блиски да бидат соодветно третирани. Работеле целиот свој живот за на крај здравственото осигурување да се доведе во прашање, рече таа.

Директорот на болницата во Охрид доктор Горан Балевски за „Слободен печат“ потврди дека компјутерскиот томограф е расипан.

-Проценката е дека е расипан поради прекористеност. Не работеше апаратот во Битола, костозглобна, никаде. Затоа ние во три смени го користевме нашиот и прегоре цевката. Запознаено е министерствтото. Треба да се смени цевката, да се купи нова, или треба нов апарат. Проценки дали е подобро нов апарат да се купи или да се промени цевката прави Министерството. Сега ситуацијата е таква и апаратот е десет години стар, ни изјави доктор Балевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот