Се расчистува патот за најголемиот инфраструктурен проект во државата

Бехтел и Енка / Фото МИА

Антикорупциската комисија оцени дека со овој закон се ограничува конкуренцијата и можноста од фер натпревар, бидејќи не се предвидува тендерска постапка. Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот, а Владата формираше тим за преговори со американско-турскиот конзорциум за изградба на автопатите

Почнува преговарачкиот процес со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници во должина од над 120 километри на коридорите 8 и 10-д, а во текот на годинава се очекува да почнат и градежни активности. Управувачкиот комитет составен од претставници од институциите утре ќе одржи состанок по што ќе стартуваат преговорите на работната група во соработка со избраниот консултант ИРД Инжинеронг и надзор за проектот со кој денеска беше потпишан договор во Владата, откако компанијата ја достави банкарската гаранција за понудата од над 1,3 милијарди денари, што ја достави на тендерот.

– Ќе ги вложиме сите потребни напори за изградбата на четирите делници со највисок стандард и квалитет, кои што одговараат на квалитетот на патиштата што се градат во ЕУ. Немам сомнеж дека го имаме потребното знаење и експертиза за да го завршиме проектот навреме и со висок квалитет, рече Паоло Орсини, директор на ИРД Инжинеринг по потпишувањето на Договорот со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми во присуство на премиерот Димитар Ковачевски, првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Со овој проект се планира изградба на автопатските делници: Требеништа – Струга – Ќафасан од 22,5 километри, Гостивар – Букојчани од 30,1 километар, Тетово – Гостивар 27 километри, и делницата од Коридорот -10 д Прилеп – Битола 43,4 километри. За таа намена во буџетот на Министерството за транспорт и врски се предвидени 15 милијарди денари или 244 милиони евра.

Според Ковачевски и Груби, ова е најголем капитален инфраструктурен проект во историјата на државата.

-Договорот ќе ни обезбеди модерно и брзо поврзување со регионот но и модернизиирање на инфраструктурата дома, рече Ковачевски.

Инаку, летоска беше поништен тендерот за избор на Надзор и правен трансакциски советник за изградба на автопатите што ќе ги гради на Коридор 8 и Коридор 10-Д американско-турскиот конзорцум „Бехтел и Енка“, откако избраниот понудувач на тендерот во предвидениот рок не ја обезбеди банкарската гаранција за навремено и квалитено извршување на договорот. Потоа, Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) започна со нова постапка за објавување нов тендер.

За изградба на трите нови автопати, Владата минатата година потпиша меморандум со „Бехтел и Енка”, а Собранието донесе Закон за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за проектот за изградба на автопатските делници од инфраструктурниот Коридор 8. Со законското решение се уредува проектирањето и изградбата на инфраструктурата на Коридорот 8 и Коридор 10 д, како поединечни проекти за капитални инвестиции од стратешко национално значење за државата. Државната антикорупциска комисија оцени дека со овој закон се ограничува конкуренцијата и можноста од фер натпревар, бидејќи не се предвидува тендерска постапка. Откако Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот, Владата формираше тим за преговори со американско-турскиот конзорциум за изградба на автопатите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот