Се проширува пожарот во Мариово, периметарот на огнената линија изнесува 110 километри

Фото: МВР

Големиот пожар во Мариово не покажува знаци на намалување. Огнената стихија зафати околу 1.600 хектари, додека периметарот на огнената линија изнесува 110 километри.

Според прилепскиот кризен штаб, на теренот се преку 200 професионалци, а дејствува само еден „Ер трактор“, поради технички проблеми на вториот. Началникот на прилепскиот кризен штаб, Борче Јовчески, посочи дека будно се чуваат населените места, и силите главно се концентрирани на четири до пет критични локации.

– Во моментов професионалците се лоцирани четири до пет места каде пожарот е најактивен: во близината на селата Крушевица, Бонче и кон Штавица, каде се 50 припадници на АРМ и други професионалци кои ја дополнуваат таа група. Потоа кај селата Вепрчани и Дуње, каде се уште 50 припадници на АРМ. Со механизирани возила помагаат и од блиските рудници. Други ризични места каде има професионалци се: пожарот се заканува преку Волково да слезе кон селото Селце каде и манастирот „Свети Димитрија“  и како приоритетно место можеби таму ќе дејствува и „Ер тракторот“, но на лице место има доволен број професионалци, изјави Јовчески.

Додаде дека од денеска е активен и пожарот на потегот на Дрен и Смолани.

– Од утрово има и нов пожар, тоа е на потег Дрен-Смолани. Таму се упатени голем број наши пожарникари, како и кон Беловодица, каде се очекува пожарот да се прошири. За жал, од двата ЕР трактори, само еден е во функција  и е на лице место каде помага во гаснењето, а другиот имал технички проблеми и е приземјен, изјави Јовчески.

Најмногу е опфатена нискостеблеста трева, растенија и деградирана шума и немаме во големи размери опфатено на квалитетен шумски појас.

Републичкиот кризен штаб за заштита и спасување донесе одлука командувањето и управувањето со оваа криза да ја врши Дирекцијата за заштита и спасување, но прилепскиот кризен штаб останува активен да ја следи и организира ситуацијата на теренот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот