Се потрошија ли бесплатните вакцини за пензионерите? Нема веќе термини за закажување

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Бесплатните вакцини за заштита од сезонски грип, за пациентите над 65 години, се потрошија веднаш откако беше соопштено дека почнува вакцинацијата, се жалат матичните лекари и пациентите. Дополнително тоа што пензионерите мора да вадат упат и да закажуваат терми за вакцинирање во електронскиот систем „Мој термин“ создаде уште повеќе проблеми.

-Вчера кога отидов кај лекарката имаше многу гужва за закажување на вакцинирање. Ја оставив книшката и подоцна кога отидов да ја земам ми кажаа дека јас сум последна закажана, за тие што дошле по мене немало веќе термини – раскажува една пензионерка.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Лилија Чолкова Дервишова, претседател на Здружението на матични лекари вели дека термините се пополниле зошто биле пуштени мал број. Таа забележува и за начинот на кој се спроведува бесплатната вакцинација.

-Слободни термини има за трудници и за мали деца, но кај овие категории нема интерес за вакцините. Пенционерите пројавија најмногу интерес. Но вака да доаѓаат по упати кај нас, па да закажуваме, само ја ископлицира работата. Требаше тоа да си биде преку центрите за јавно здравје – вели Чолаков-Дервишова.

Некои пациенти обезбедиле „термини под рака”, но како тоа се прави не објаснуваат. Пациентите прашуваат и зошто се бара упат за пензинерите кога и така сите имат право да се вакцинираат, а не само одредени категории.

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

 Од Министерството за здравство пак велат дека нема гужва кај матичните лекари за вакцинација против сезонски грип.

„Напротив, со вклучувањето на бесплатна вакцинација против сезонски грип и во трите поликлиники Букурешт, Чаир и Ѓорче Петров при Здравствениот дом во Скопје се растовари гужвата. Ова е начинот како се оди по редослед, прво со закажувањето на вакцинација преку матичен лекар се избегнува гужвата во Центрите за јавно здравје, која би се створила и би била многу поголема доколку пациентите не се упатени со точен датум и време. Само до денеска 19.089 граѓани закажале бесплатна вакцинација кај матичен лекар”, се вели во одговорот од ресорното министерство.

Оттаму не одговараат на прашањето зошто нема термини за закажување за пензионерите, односно дали се потрошија вакцините наменети за оваа категорија на граѓани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот