Се поставува нова конструкција на Универзалната сала

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Интензивно се изведуваат градежните работи околу реконструкцијата на Универзалната сала во Скопје. Пред околу еден месец пристигна металната конструкција со чие поставување ќе се овозможи брзо завршување на надворешноста, односно на фасадата на Универзална сала, чија реконструкција е во тек.

– Универзална сала започнува да го добива своето ново лице! Скопје, една поинаква приказна! – напиша градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов на својот Фејсбук-профил, притоа објавувајќи фотографии од моменталните градежни активности на терен.

Според надлежните, карактерот на  објектот е таков што прво мора да се сработи надворешноста, бидејќи објектот е монтажен, за потоа да се работи внатре. Реконструкцијата на култната Универзална сала, за која имаше различни идеи како да се обнови, па дури и идеи за нејзино уривање, ќе се изведе во постојниот облик и габарит, при што ќе се задржи автентичниот изглед на омилениот објект за скопјани, симбол на постземјотресно Скопје.

Инаку, во изминатиот период екипите на терен работеа на фундаментите, на поставувањето нови темели што можат да ја носат целата конструкција која меѓу другото била и предмет на сеизмолошки испитувања за да не се наруши статиката и стабилноста на објектот.

Според најавите, пак, со реконструкцијата целосно ќе биде обновена внатрешноста, фоајето и влезниот дел на Универзалната сала, целосно ќе биде обновена надворешноста, објектот ќе стане енергетски ефикасен, ќе има сериозна интервенција во машинскиот дел, во сценскиот дел и делот на техниката.

Култниот објект за скопјани, Универзалната сала започнала да се гради непосредно по катастрофалниот земјотрес во Скопје, во 1963 година, а започнала со работа на 1 јануари 1966 година. Објектот се карактеризираше со одлични сценски и капацитетски услови, заедно со сите придружни функции на објектот, во амфитеатрална поставеност на гледалиштето, кои овозможуваат оптимални услови публиката да ја следи реализацијата на концертите на сериозна, забавна, фолклорна, етно, блуз и џез-музика, поетски манифестации, драмски претстави, модни ревии, презентации, конгреси, советувања, трибини, спортски манифестации и други приредби.

Поради руинираност и дотраеност и потреба од итна санација, Универзална сала е затворена од 2015 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот