Се попишуваат иселениците и бездомниците, се бараат уште попишувачи

Фото Слободен Печат/ Драган Митрески

Владата ги повика македонските државјани кои се повеќе од една година во странство активно да учествуваат во пописот, од вчера почна попишувањето на бездомниците, а Државниот завод за статистика информираше дека се отстрануваат техничките проблеми со апликацијата за самопопишување.

Донесени се и мерките за безбедност од ковид-19 при попишувањето, а објавен е уште еден дополнителен оглас за попишувачи.

– Апелираме до дијаспората да земе активно учество во овој процес, кој е предвиден да трае од 1 март до 21 април оваа година – рече на прес-конференција владиниот портпарол Мухамед Хоџа.

Тој информираше и за протоколот за превентивни мерки при спроведувањето на пописот во време на епидемија со ковид-19.

– Владата на предлог на Комисијата за заразни болести го усвои протоколот за превентивни мерки при спроведувањето на пописот. Овој протокол предвидува мерки во три фази на пописот – во фазата на тестирање, на обука и на спроведување на пописот на терен, со посебен протокол за попишување на лицата што во периодот на спроведување на пописот се позитивни на ковид-19. Протоколот за превентивни мерки има за цел безбедно попишување на населението од аспект на попишувачите и од аспект на граѓаните – рече Хоџа.

Директорот на Државниот завод за статистика ги отфрли обвинувањата дека институциите не биле ажурни во информирањето на дијаспората дека во тек е попис.

– Повеќе од 17 илјади граѓани од дијаспората веќе се попишани. Ако немале информации дека во тек е пописот, тогаш немаше да имаме толкав број попишани граѓани. Дијаспората за пописот ја информиравме преку МНР,  преку дипломатско конзуларните претставништва, преку нашата веб-страница, но и преку социјалните медиуми. Попишувањето е масовно, дури и сме изненадени бидејќи не очекувавме толкав одзив – рече Симовски.

Симовски посочува дека ситните проблеми со веб-апликацијата за попишување се решаваат тековно и дека засега нема поголеми проблеми што би предизвикале каков било застој.

Екипи на ДЗС и на Министерството за труд и социјална политика вчера беа во посета на Центарот за времено сместување на бездомници во скопско Визбегово, каде што беа попишани околу 160 граѓани.

ДЗС вчера објави дополнителен јавен конкурс за ангажирање лица што ќе учествуваат во спроведувањето на пописот. Потребниот број реонски попишувачи и реонски инструктори ќе се изберат по пописни реони, според јазикот на кој ќе се врши попишувањето и според етничката структура на населението во соодветниот пописен реон. Изборот на пријавените кандидати ќе се врши по пат на тестирање, а пријавувањето се врши на веб-страницата на Заводот (www.stat.gov.mk и popis2021.stat.gov.mk.).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот