Се огласи фудбалерот обвинет за расизам: Ова е лов на вештерки, барам извинување
Неделниот натпревар помеѓу Кадиз и Валенсија (2:1) го одбележа пркинот од 20-тина минути поради расистички испад на домашниот фудбалер Хуан Кала.
Фудбалерите на Валенсија во 30. минута го напуштија теренот откако дефанзивецот Муктар Диакаби го обвини играчот на Кадиз, Хуан Кала за расизам. Диакаби тврди дека противникот го навредувал на расна основа.
– Дикаби е „уништен“, тоа беше грозна навреда која нема да ја повторам – изјави капитенот на Валенсија, Хозе Гаја.
Денеска пред медиумите се појави обвинетиот Кала кој негира дека го навредувал противникот на расна основа.
– Не знам дали Диакаби се измисли или погрешно ги разбра зборовите. Сум живеел со Кинези, Јужноафриканци, сум бил во Гвинеја… Во шок сум. Играме фудбал без навивачи, на терените има 20-25 камери, има микрофони и се се слуша. И сега никој ништо не слушнал што сме зборувале? Ова се циркуси – вели Кала кој тврди дека не постои расизам во шпанскиот фудбал.
– Мојот адвокат се подготвува за судски процес. Добивам поддршка од сите страни, ова е лов на вештерки. Како да сме на дивиот запад. Не знам каде ја снема презумпцијата на невиност, но ваков линч никој не заслужува. Ќе ви го дадам бројот од мојот мобилен телефон за барем да ми се извините – им порача Кала на медиумите.
Фудбалерот на Кадиз изјави дека преку социјалните мрежи добил бројни закани.
– Без докази, без судија да ме сослуша… Така се се случува, едноставно правиме опасен преседан.
Од друга страна, Диакаби тврди дека додека траел прекинот, играчите на Кадиз дошле во гостинската соблекувална и прашале дали би се вратиле на теренот доколку Кала се извини.
Реакција на прес-конференцијата на Кала имаше и екипата на Валенсија која уште вчера обвини дека добиле ултиматум дека мора да излезат на терен, во спротивно ќе се соочат со страшни последици.
„Хуба Кала, не ти веруваме“.