Се очекуваат уште три нови германски инвестиции

Деловен појадок со германските стопанственици / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Во овдешните германски компании има повеќе од 25.000 македонски работници. Делегацијата на германското стопанство организираше појадок со премиерот

Повеќе од 100 менаџери на германски, на македонски и на други интернационални компании што се лидери во стопанството во земјава, учествуваа на деловниот појадок со премиерот Христијан Мицкоски што го организираат Делегацијата на германското стопанство АХК, дел од мрежата на германските комори во странство, и Македонско-германското стопанско здружение.

– Во изминатите години повеќето од германските инвеститори што работат во земјата се одлучија да реинвестираат во Северна Македонија, а на не некој друг пазар. Особено ме радува дека истовремено ни се случува и диверзификација на секторите во кои се инвестира. Иако инвеститорите од автомобилската индустрија се најбројни, сепак имаме и инвестиции во здравствениот сектор, ИТ-услуги, изработка на специјален текстил за седишта во камиони, возови и автобуси, апарати за домаќинство, заштитна облека, производство на батерии за електрични велосипеди, производство на бакарни кабли, но и Кол центрите што вработуваат голем број луѓе и важат за многу посакувани работодавачи – вели директорката на АХК Северна Македонија, Антје Ванделт.

Ванделт соопшти и дека е евидентен растот на економската соработка, така што трговската размена помеѓу двете земји е 5 милијарди евра и дека во овдешните германски компании има повеќе од 25.000 македонски работници. Таа посочи и дека нивен фокус се синџирите со македонски добавувачи.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека во наредниот период очекува покрај веќе најавените четири инвестиции, да има уште три нови од германски инвеститори.

– Веќе почнавме неколку инвестиции. Очекуваме денеска уште еден камен-темелник на уште една белгиско-германска инвестиција. Но, во периодот што следува очекуваме почеток на нови инвестиции на компании што се веќе присутни во земјава. Се очекува проширување на производството на компаниите, проширување на портфолиото на овие компании. Ние како влада ќе сториме сѐ што е во наша моќ да помогнеме во тоа бидејќи за мене и за владата нема поголемо задоволство кога ќе отворите ново работно место односно да помогнете некој граѓанин да остане дома наместо да замине – рече Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот