Се очекува значителен пад на цената на струјата, но сепак ќе биде поскапа од лани

Далновод / Фото: EPA

Цените на струјата за идни испораки се намалуваат, а во четвртиот квартал од 2022 година се очекува преполовување од сегашната берзанска цена.

Почетокот на наредната година ќе ја одбележат високи цени на струјата, а потоа тие стрмоглаво ќе опаѓаат надолу. Така, во четвртиот квартал од 2022 година се очекува големо намалување на цената на електричната енергија во однос на сегашната. До овој заклучок дошол професорот на Техничкиот факултет во Битола Дејан Трајковски, кој направи анализа за тоа како се движат договорите за идните цени на берзата на струјата. Сепак, бројките покажуваат дека цените ќе бидат далеку поголеми од оние што лани ги имаше на берзите, а кои и се сметаа за ниски, кога струјата се продаваше по околу 60 евра за мегават-час.

Германската електрична енергија е најскапа во Европа и не мора да значи дека од таму би набавувале, но дава претстава за очекуваното движење на цената во иднина, објаснува Трајковски и прецизира дека цените се од затворањето на тргување на  25.10.2021 година.

– Се забележува дека во четвртиот квартал 2022 година се очекува големо намалување на цената (околу 110 евра за мегават-час) од сегашните нивоа (цената на електрична енергија за испорака утре, денеска изнесува 202,35 евра за мегават-час во Германија). Во четвртиот квартал 2023 година, трговците очекуваат уште поголемо намалување, што се одразува и на цената (84,8 евра за мегават-час) – вели Трајковски.

Тој вели дека најдобриот начин да се заштитат компаниите од ценовни шокови е да купуваат струја со договори за цената, таканаречени „фјучерси“, што значи кога и да им биде испорачана струјата, во времетраењето на договорот што го имаат со фиксираната цена, тие и ќе ја добијат по таква цена.

– Доколку купиме фјучерси за четврти квартал 2022, би се заклучиле во денешната цена на фјучерсот, 111,95 евра за мегават-час. Доколку следната година вистинската (спот) цена достигне на пример 150 евра за мегават-час, на фјучерсот би биле во добивка од 38,05 евра за мегават – вели професорот.

Разговорот што го направи „Слободен печат“ со повеќе компании и чии изјави ги објавивме, покажува дека еден дел од нив имаат договори со „фјучерси“ и тие договори им се исполнуваат. Има случаи и на дневна набавка на струја, по дневни цени, и тие во моментов се многу лоша опција. Но има и случаи на еднострано раскинување на договорите од трговците, кои не можеа да издржат 2-3 пати поголеми цени од договорените. За неколку трговци, Регулаторната комисија за енергетика отпочна постапка затоа што тие не смеат еднострано да ги раскинат договорите. Компаниите пак, кои останаа без трговец, по сила на закон се префрлија во ЕВН како снабдувач во краен случај, кој им ја продава струјата по цена што е на унгарската берза плус 50 проценти.

Освен малите фирми, другите компании одат на слободниот пазар и струјата ја набавуваат преку овдешните трговци кои ги има 13. Цената на струјата е многу значаен фактор врз нивното работење, ликвидноста, профитабилноста, инвестициските планови и во крајна линија таа се одразува и на платите на вработените, па и на евентуално отпуштање на работниците. Цената на струјата, секако ќе се вкалкулира и во крајната цена на производите, а неа ја плаќаат граѓаните.

Што се однесува до цената на струјата за домаќинствата и малите фирми, неа ја одредува Регулаторната комисија за енергетика, а значителен удел во таа цена има формираната цена на струја произведена во домашните капацитети. Сега таа изнесува 36 евра за мегават-час. Домаќинствата и малите фирми, нешто повеќе од два месеца, односно до Нова година, според најавите на Владата, може да бидат мирни и да ја плаќаат истата цена на струјата.

Видео на денот