Се очекува јасна поддршка за проширувањето на Самитот во Брдо

Македонија Албанија ЕУ Западен Балкан
Знамињата на Северна Македонија, Албанија и ЕУ / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Поддршката на ЕУ за проширувањето се предвидува да биде спомената во завршната декларација на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брдо во Словенија, како и тоа да се каже дека Унијата ја реафирмира поддршката за регионот и има капацитет да прими нови членки, брифираат дипломатски извори од Брисел. Македонскиот државен врв очекува од Самитот ЕУ – Западен Балкан јасна и чиста порака дека местото на Западен Балкан е во Европската Унија и за тоа е подготвена и самата Унија.

Во однос на прашањето меѓу Скопје и Софија, дипломатските извори исто така брифираат дека преговорите меѓу двете земји продолжуваат и ЕУ го поддржува тоа, како и оти се изнаоѓаат начини двете земји да го решат билатералното прашање со цел да се одржи првата меѓувладина конференција. Тие додаваат дека Самитот во ЕУ ќе биде добра можност лидерите на двете земји да се сретнат и да разговараат за ова прашање.

Дипломатските извори исто така наведуваат дека претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел во неколку наврати спомена дека поддржува отпочнување преговори со Северна Македонија и со Албанија и охрабрува изнаоѓање решение за прашањето меѓу Скопје и Софија, како и за градење мостови помеѓу двете земји, но, според нив, во Бугарија има изборен процес и во моментов тоа ја отежнува ситуацијата.

Истите извори додаваат дека Самитот во Словенија е можност да се потврди поддршката за европската перспектива на регионот и потсетуваат дека ЕУ во моментов е најголем донатор, инвеститор и трговски партнер на Западен Балкан, и сето тоа дава јасна перспектива.

Вратата за членство во ЕУ не може да се каже дека е затворена, брифираат дипломатските извори од Брисел, но кога е во прашање проширувањето тоа е сложен процес и има бројни предизвици, важен е мерит системот, како и реформи, особено во борбата против корупцијата и криминалот и владеењето на правото.

Тие се согласни дека процесот на проширување е еден од најважните политики на ЕУ, но нагласуваат дека мора да е заснован на мерит системот, како и на консезус меѓу сите земји членки.

Премиерот Зоран Заев вчера нагласи дека ЕУ преку лидерите во Европскиот совет ќе испратат силна и мотивирачка порака за продолжување на максимален фокус на ЕУ кон интеграциите на Западен Балкан во ЕУ.

Во однос на оптимизмот во преговорите со Софија, Заев, рече дека имаме позитивно придвижување во разговорите меѓу претставниците на МНР и дека се надева периодот октомври, ноември и декември да биде максимално искористен за работа и посветеност за изнаоѓање решение.

– Се работи за патоказот, кој што треба да биде, нешто што ќе значи преземање обврска од двете страни за унапредување на ефикасноста во соработката согласно Договорот за добрососедство. Вториот аспект е дека во декември на Советот на министри на ЕУ се носи одлуката, а до тогаш ќе имаме завршено избори и во Северна Македонија и во Бугарија. Трето е, драфтираната верзија која се подготвува на Самитот ЕУ-Западен Балкан за сериозната фокусираност и посветеност на ЕУ за продолжување на процесот за евроинтеграциите на Западен Балкан, изјави Заев.

Ова прашање, нагласи Заев, е пречката за продолжување на севкупниот процес на евроинтеграции на Западен Балкан, имајќи предвид дека е поврзано со Северна Македонија и Албанија, а што предизвикува демотивирање и во Србија и Црна Гора, како и во Косово и Босна и Херцеговина.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, вчера за време на посетата на Германија, имаше средби со неговиот домаќин, германскиот сојузен министер за надворешни работи, Хајко Мас и со германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот, со кои разговараше за подготовките пред Самитот на ЕУ – Западен Балкан во Брдо кај Крањ, надминувањето на разликите со Бугарија, како и најновите внатрешно-политички состојби во нашата земја.

– Факт е дека Берлин е најсилен предводник за европската перспектива и на Северна Македонија, како и на целиот регион. Имаме важен Самит пред нас и поддршката од партнерите како Германија е неопходна, прво и за да ги надминеме разликите со Бугарија за да се одблокира процесот, но и да го вратиме европскиот кредибилитет во регионот, спротивставувајќи се со тоа и на скептицизмот во ЕУ, истакна Османи.

Средбата со државниот министер за Европа, Рот, како што соопшти МНР, беше искористена да се реафирмира германската позиција за нашето европско досие, за актуелностите од регионален аспект, но и да се дискутира за следните чекори и реформи, потребни за деблокирање на проширувањето на ЕУ.

– Балканот, географски не е на европската периферија, а заради тоа не смее да биде ниту на периферијата на политичкото внимание. Нашата дипломатија е таргетирана и посветена на себевложување во градењето добрососедски релации, регионална соработка и реализација на визијата за видлива и достижна европска иднина, нагласи Османи.

Министерот Мас на средбата со Османи истакна дека е крајно време Европската Унија да ја спроведе консензуалната одлука донесена во март 2020 година и да започне пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија.

– Сакам да изразам целосна поддршка за словенечкото претседателство со Советот на ЕУ, кое вети дека ќе стави крај на сегашниот ќор-сокак. Самитот во Брдо мора да испрати недвосмислена порака за остварливоста за пристапување на Западен Балкан. Политиката за проширување ќе добие голем кредибилитет со напредок во досието на Северна Македонија наскоро. Сакам да подвлечам дека постои силен консензус меѓу политичките партии во германскиот Бундестаг во однос на нашата континуирана поддршка за пристапниот пат кон Западен Балкан во ЕУ. Нашиот ангажман ќе продолжи низ и надвор од тековната фаза на транзиција, и по формирање на новата влада, порача министерот Мас.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, на Економскиот форум во Белград, на панелот „ЕУ-Западен Балкан: Што може да очекуваме од состанокот на ЕУ во Словенија?”, истакна дека ако ЕУ не може да ги приближи работите кон подобро на Балканот, нема да може на направи ништо никаде, ни во Сирија, ниту во односите со други држави, бидејќи овде кај нас го има најголемото влијание, и географски и политички и економски и секакво.

Димитров е убеден дека немањето ангажман или оставањето на Балканот по страна, ќе чини многу повеќе отколку неговата европеизација.

Тој посочи дека Самитот ЕУ – Западен Балкан во Словенија се случува во период кога кредибилноста на европското ветување за иднината на регионот е доведена во прашање, поради што е потребно да се испрати јасен политички сигнал и двете страни да преземат одговорност за остварување напредок.

– Нашиот проблем е што дури и најдобрата можна формулација на зборови во декларацијата од Самитот навистина нема да биде доволна за да ја вратиме надежта и довербата во европското ветување за иднината, особено на младите – ако нема конкретен и опиплив успех што е можно побрзо. Очекувам пораката од Брдо да ги надмине декларативните заложби од Софија и Загреб со кои се реафирмираше европската перспектива, рече Димитров.

Димитров нагласи дека иако на Самитот нема да се носат политички одлуки, потребно е да се зајакне посветеноста на двете страни за да се унапреди соработката во областите од заемен интерес што се теми на агендата за Самитот, вклучително и економската поддршка од ЕУ за регионот и градењето на регионален внатрешен пазар, состојбата со ковид-19 и процесот на вакцинација, зелената агенда, како и напорите за намалување на роаминг трошоците меѓу регионот и ЕУ.

– Самитот треба да биде можност за да се зајакне стратешката комуникација меѓу ЕУ и Западниот Балкан, бидејќи Унијата е навистина нашиот најблизок пријател и најголем донатор. Обединет Балкан е возможен само во обединета Европа, а без Балканот ЕУ не е комплетна. Европското обединување е можно само врз основа на европскиот наратив и процесот на пристапување е основната рамка, но не може да биде функционална ако не обезбедува резултати, ако не испорачува, ако не се заснова на доверба и кредибилитет, рече Димитров.

Во меѓувреме, во однос на прашањето Скопје-Софија, бугарскиот претседател Румен Радев во телефонски разговор со неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмаер истакна дека Бугарија во својот дијалог со Република Северна Македонија „ги брани не само националните интереси, туку пред се вредностите на Европската Унија, што се темелат на демократија и почитување на човековите права”.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Кабинетот на Радев, разговорот бил инициран од германскиот претседател во пресрет на Самитот ЕУ – Западен Балкан, што ќе се одржи во Словенија.

– Бугарија очекува конкретни резултати во однос на почитувањето на човековите права кај нашиот југозападен сосед, што ќе ја забрза европската интеграција на Република Северна Македонија, нагласил Радев.

На Европската унија и е потребна нова стратегија за Западен Балкан, нагласуваат од Виенскиот институт за меѓународни економски студии и Фондацијата Бертелсман. Нивното соопштение е пред состанокот в среда во Словенија на лидерите на ЕУ и на Западен Балкан, каде се очекува најава за економски и инвестициски план во вредност од девет милијарди евра, што треба да генерира приватни инвестиции од околу 30 милијарди евра

– Тоа е оптимистички. Ветениот економски пакет малку ќе промени во економската ситуација на Западен Балкан, изјави заменикот-директор на Виенскиот институт и коавтор на студијата на Фондацијата Бертелсман, Ричард Гривесон, додавајќи дека се потребни дополнителни средства и план за екологизација и дигитализација на балканските економии.

Извор: МИА

Бајден и Фон дер Лајен разговарале за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот