Се намалуваат каматите: Домаќинствата во просек плаќаат камата од 5,28 проценти, а добиваат 0,75 проценти 

Profimedia
Фото: Профимедиа

Цената на пасивните камати не е произволно утврдена туку зависи од низа фактори, а еден од најзначајните е понудата и побарувачката на пари, велат банкарите

Се намалија и каматните стапки за кредитите на домаќинствата, но и оние што банките им ги даваат на домаќинствата за вложените средства. Во просек, каматите за депозитите веќе се многу под 1 процент и изнесуваат 0,75 проценти, додека просечната стапка на сите кредити на домаќинствата е 5,28 проценти.

„Во август, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата изнесува 5,28 проценти и е намалена за 0,02 п.п. на месечно ниво. Надолната промена произлегува од намалувањето на каматните стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула (за 0,03 п.п. и 0,01 п.п., соодветно), додека каматните стапки на кредитите во странска валута се непроменети. Оваа каматна стапка е намалена за 0,27 п.п., на годишна основа“, информираше Народната банка.

Истиот тренд, централната банка го констатирала и во однос на депозитите на домаќинствата.

„Овој месец, каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата изнесува 0,75%, што претставува пад од 0,04 п.п. на месечна основа. Падот е одраз на намалените каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула и на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,04 п.п., соодветно), во услови на непроменети каматни стапки на депозитите со валутна клаузула. Оваа каматна стапка бележи пад од 0,23 п.п. во споредба со истиот месец претходната година“, пишува во извештајот на Народната банка.

Големата разлика меѓу парите што ги даваат граѓаните кога земаат кредит, и она што го добиваат кога ги остават своите пари на штедни книшки, или на тековни сметки, е тема за која се зборува со години, а одговорот на банкарите е секогаш ист.

– Нето-каматите, односно разликата меѓу активните и пасивните камати е многу важен показател за способноста на банката за управувањето со кредитниот ризик. Висината на активните камати, односно на оние што ги наплатуваат банките, зависи од основната камата што ја пропишува Народната банка, по која цена се набавуваат парите, односот на понудата и побарувачката, нивото на нефункционални кредити, резервациите што треба да се направат, трошоците на банката… Наплатата на камати е главен приход на банката и е околу 70 проценти од вкупните приходи – објаснуваат банкарите.

Тие велат и дека цената на пасивните камати не е произволно утврдена туку зависи од низа фактори, а еден од најзначајните е понудата и побарувачката на пари. Банкарите посочуваат и дека станавме сведоци како во светот банките дури наплаќаат негативни камати, односно камати за чување пари.

Податоците за првото шестмесечје од годинава покажуваат дека банките одлично заработуваат од каматната разлика. Целиот банкарски сектор го завршил првото полугодие со нето-добивка од 74,2 милиони евра, а првото полугодие од минатата година вкупната нето-добивка била 44,5 милиони евра, или 29,7 милиони евра помалку од сегашниот профит. Притоа, заклучно со 30.6.2021 година, нето-приходите од каматите биле 123,7 милиони евра, а лани, заклучно со првото полугодие, тој износ бил помал само 1,7 милиони евра, односно изнесувал 122 милиони евра. Приходите добиени од нето-провизиите и од надоместоци (како разлика меѓу трошоците што ги  наплаќа банката и таа што тие ги плаќа) на крајот од првото полугодие збирно изнесувале 43,7 милиони евра, а лани за првите 6 месеци по оваа основа биле собрани 36,6 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот