Се моли правдата да се расони!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Околу владеењето на правото и испорачувањето на правдата во Македонија не треба да има никакви мистификации: сè уште сме далеку од посакуваната цел во македонското општество да функционира правна држава којашто самостојно и без постојана „прозивка“ од политиката или од јавноста би била способна да испорачува правда, во разумен рок и со потребниот интегритет (врз база на докази!) во постапките, пропишани со закон.

Она за што може и треба да се води широка дебата е кој е виновен за тоа, со детектирање на „специјалните интереси“ кои влијаат за успорување или пренасочување на процесот од постигнување на општо посакуваната цел: правда, разумен рок, интегритет во постапките.

Таа дебата ние, самите, тешко ја водиме објективно, со оглед на познатите наследени и тековни политички околности и партиските поделби во секој сегмент од општеството. Овде и за изборот меѓу баклава и тулумба следуваат партиски обвинувања, шиканирања и меѓусебни дискредитации, па затоа на крајот се нарачува боза, како „разводнет“ компромис. Тоа не ни го решава проблемот.

Затоа е упатно да се слушне меѓународната заедница која ја има потребната дистанца од нашето валкано партиско секојдневие, а чиј најсилен „специјален интерес“ е, сепак, да успееме, бидејќи нашиот успех е и нивен успех. Во постигнувањето на тој нивен успех, меѓународната заедница е многу крута кога треба да се одреди нивото до кое прифаќа компромиси, за разлика од нашите политичари кои тоа ниво, за потребите на својот успех, би го развлекле и по земја.

Е, па, таа меѓународна заедница во изминатите два-три дена здушно ја кажува својата „збирна“ оценка по распуштањето на Собранието: честитаме, усвоените реформи се вистинските за продолжување на евро-атлантскиот пат на Македонија. Американците, како и секогаш, за да нема простор за дополнителни интерпретации, отидоа најдалеку, бидејќи амбасадорката Брнс порача дека е „постигнат значителен напредок во изминатите три години“. Молам.

Другото е локален политички „фолклор“, во случајов уште и предизборен.

Тој „фолклор“ во (предизборната) партиска интерпретација на СДСМ и неговите поддржувачи го видовме со „Маршот за правдата“. Тој марш е произлезен од потребата да се „залечат“ некои од фрустрациите на раководството на владејачката партија заради маката и начинот на кој се постигнаа компромисите за изгласување на правосудните реформи. Заев и неговото друштво знаат дека плаќањето на „цената“ за тие компромиси може да ги стигне на изборите. Маршот е, се разбира, алатка на нивниот политички маркетинг. Па, што дека?

Многу поважно е што пораките од маршот испратени до правосудниот систем се силно повикување судиите и обвинителите да ја преземат иницијативата во свои раце: Работете по закон, испорачувајте правда! Што чекате?!

Од друга страна, предизборниот „фолклор“ во партиската интерпретација на опонентите на сегашната власт најдобро го одразуваат содржините на неколку транспаренти со кои се „контрираше“ на маршот на СДСМ: „За нашето судство сонцето излегува на запад“; „Нашево судство е за Гинис, а не за ЕУ“; или „Со судии дебили, во ЕУ ‘априлилили’“… И тие пораки можат да се интерпретираат како притисок врз судството да работи по закон и да испорачува правда.

Со други зборови, и меѓународната заедница и власта и (на свој, мрчаторски начин) опозицијата се согласуваат дека, дури и со различното толкување на квалитетот на реформите, притисокот треба да се префрли врз правосудните институции. Таа „бела мечка“ мора да се (до)разбуди од зимскиот сон.

Тоа е добра основа за еден, долго очекуван, „нов правосуден почеток“ во Македонија. Во таа смисла, можеби ќе се покаже дека изминатите две-три години не беа залудно „фрлени во ветар“. Ете, сетете се на добронамерните зборови на американската амбасадорка…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот