Се множат поплаките за брзите кредити, не смеат да се наплаќаат опомените за граѓаните
Организацијата на потрошувачи е во комуникација со Министерството за финансии и ако треба ќе поведе и судска постапка за забрана за ваквото делување, вели претседателката Маријана Лончар Велкова
До средината на идната година, Македонија треба да го донесе Законот за претставнички тужби, а тоа според Маријана Лончар Велкова, претседателка на Организацијата на потрошувачи, значи дека во македонското законодавство треба да биде пренесена новата ЕУ директива која се однесува на колективната заштита на правата на потрошувачи. ОПМ летоска стана овластено тело за застапување на колективните интереси на потрошувачите, но според старата директива од 2009 година, која е вметната во актуелниот Закон за заштита на потрошувачи.
-Очекуваме дека ќе се направи и промена на Законот за парнична постапка и откако ќе помине во Собранието, ќе добиеме можност да поведуваме колективни тужби за обесштетување на потрошувачите кога нивните права масовни се оштетени од даватели на услуги, како на пример банки, штедилници, финансиски друштва и слично – најавува Лончар Велкова.
Таа ја посочува постапката која ОПМ ја покрена за случајот со поскапувањето на авто осигурувањето.
-Сметавме дека случајот со осигурителните компании кои ги зголемија цените за задолжително авто осигурување е една од можностите за да се вклучиме. Упативме барање до Агенција за супервизија, собиравме податоци, луѓето не подржаа, отворивме платформа каде се пријавува и сега процедурата тече. Исто така, детектиравме и дека финансиските друштва даваат опомени за брзите кредити, кои ги наплаќаат што е спротивно со член 36 од Законот за заштита на потрошувачи. Сме во комуникација со Министерството за финансии и ако треба ќе поведеме и судска постапка за забрана за ваквото делување – поентира претседателката на ОПМ.
ОПМ веќе изработи дигитална платформа, која е достапна на нивната веб страна, на која потрошувачите можат да напишат поплака за проблеми поврзани со финансиските услуги, без разлика дали е за осигурување, банкарство, кредити, финансиски друштва, лизинг…
-Ако не успееме да го решиме проблемот со банките и штедилниците, контактираме со НБРСМ, а ако е финансиско друштво тогаш надлежноста е на Министерството за финансии. Ако пак се работи за осигурителни компании тогаш надлежна е Агенцијата за супервизија на осигурувањето. Судската постапка е последен чекор – посочуваат од ОПМ за „Слободен печат“. Проектот за кој е добиена финансиска поддршка од Европската унија и Европската Организација за заштита на потрошувачите – БЕУЦ се спроведува од декември 2023 година.