Се кројат планови за новогодишната ноќ, на цена се приватни станови и прослави во странство

epa08096833 The midnight fireworks are seen over Skopje during New Year's Eve celebrations in Skopje, Republic of North Macedonia on 01 January 2020. EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Ковид пандемијата не ги предомислува граѓаните кои се одлучни новогодишната ноќ да ја поминат во друштво и надвор од домовите.

Во предвид доаѓа изнајмувањето на викендички во Маврово, Никифорово, Крушево и Охрид, каде што цените се движат од 50 до 100 евра изнајмување од вечер. Има и луксузни вили во кои сместување за Нова година чини 500 евра од ноќ. „Слободен печат“ стапи во контакт со сопствениците кои велат дека има заинтересираност, но се уште има голема понуда на слободни куќи за изнајмување.

Од друга страна на туристичките агенции веќе им се подготвени новогодишните туристички понуди. 

Од туристичката агенција Савана велат дека имаат понуда за Турција за сите кои сакаат надвор од Македонија да ја пречекаат новата година.

-Турција единствена земја каде може да одиме без ограничувања, имаме индивидуални понуди за хотелско сместување и авионски превоз, и групен автобуски превоз. Понудата се разликува во цената има цени за Истанбул од 129 до 149 евра, за Кападокија од 229 евра, Кушадаси од 199 евра, Анталија од 359 евра за ресорти од висока категорија со авински превоз. Се нуди и Нови Сад за 99 евра, а понудата за Црна Гора е под знак прашалник, бидејќи не знаеме каква ќе биде политиката за влез во државата, велат од Савана.

Новогодишните забави по рестораните и кафулињата оваа година ќе изостанат.

Потпретсеателот на Туристичко-угостителската комора, Мартин Ангеловски вели дека сопствениците на угостителските објекти веќе се помириле со фактот дека оваа година нема да можат да организираат новогодишни прослави.

– Ниту еден локал нема понуда за пречекот на Нова година, можно е да има дополнителни рестрикции во однос на движењето и затоа мислиме дека не е паметно да се организираат прослави. А, и да нема дополнителни рестрикции, нема логика да се организира било што бидејќи работното време е до 21 часот, а исклучена е и можноста за жива музика, вели Ангеловски од Туристичко угостителската комора.

Прослава ќе нема ниту на плоштад

Иако јавноста го критикуваше градоначалникот Петре Шилегов за идејата Скопје да го украси за Новогодишната ноќ, тој не отстапува од идејата метрополата да светне за Нова Година.

Градот од вчера почна со новогодишно украсување, а планот е до 5 декември плоштадот Македонија и улиците во центарот на градот да светнат со новогодишни украси и светилки. Според Шилегов, празничната атмосфера не треба да биде жртва на пандемијата.

-Сметам дека во оваа тешка година и мрачно време во коешто живееме, убаво е да внесеме светлина во градот. Немаме право на децата да им го скратиме правото да се израдуваат на Нова година.Оваа година на нашите дечиња им е одземено многу, детството, училишната година, играта со другарчињата,  да не им ја скратуваме и радоста, изјави Шилегов.

Сепак, годинава нема да се организира новогодишната манифестација „Винтерленд“, ниту ќе има прослава за дочек на Нова година.

Од Градот се уште не објавуваат кога точно ќе светне елката.

Некои општини до сега објавија дека нема да трошат пари за оваа намена во период на корона-криза.

Тендерот за новогодишно украсување на градот чини 200.000 евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот