Се крие ли и корупција во одбивањето на субвенционираната струја?

Училиште, училниц
Празна училница /Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Дури 165 училишта, 19 јавни претпријатија и 800 фирми не побарале да склучат договор за поевтина електрична енергија од таа што се нуди на пазарот. Кај дел станува збор за незнаење, но не издржани се изговорите за сложена процедура и за поповолни услови што ги имаат со приватните компании

Дали има заднина во фактот што околу 1.000 правни субјекти не сакаат да склучат договори за снабдување со субвенционирана електрична енергија кои ги нуди ЕСМ продажба или едноставно станува збор за незнаење? Оваа мерка ја донесе Владата под силен притисок и со бројни консултации со стопанствениците и со надлежните институции за да им се обезбеди поевтина струја, и тоа: на училиштата – за да не се случи децата да останат дома; на јавните претпријатија – за водоснабдувањето и пречистувањето на водата да оди без застои, како и на фирмите – за да обезбедат поевтина храна.

Иако мерката се бараше од најголемиот дел од општините и коморите, досега 165 училишта, 19 јавни претпријатија и 800 фирми не сакаат субвенционирана струја. Дел од нив како причина ја наведуваат сложената бирократска процедура или поповолните услови што им ги даваат досегашните оператори со кои имале договор, практиката покажува дека ниту процедурата е сложена, како што се тврди, ниту цената на пазарот што можат да ја обезбедат приватните компании соодветствува на таа што им е понудена на училиштата, водоводите и фирмите. Оттаму и сомнежите дека можеби станува збор и за коруптивна заднина.

ЕСМ продажба ги објави имињата на сите училишта, јавни претпријатија и компании со кои склучиле договори за снабдување со субвенционирана електрична енергија. Податоците покажуваат дека од вкупно регистрирани 474 јавни основни и средни училишта во земјата, се пријавиле 309, од 70 регистрирани водостопански и комунални претпријатија кои работат со пумпни или пречистителни станици, се пријавиле и се снабдуваат 51, а од околу 1.000 компании од прехранбениот сектор, до петокот барање поднеле само 187 компании.

Деновиве, повеќепати можевме да слушнеме негодување дека станува збор за голема бирократска процедура, која навреме не успеале да ја завршат тие што имаат право на субвенционирана струја. Затоа, за струјата што веќе се добива по субвенционирани цени, од 1 декември имаше едно одложување во ноември, а сега сите што сакаат да ја добијат од 1 јануари треба да аплицираат до 20 декември.

Од ЕСМ за „Слободен печат“ велат дека им стојат на располагање за помош на сите оние кои имаат некои недоумици со потребната документација.

– ЕСМ продажба целосно им стои на располагање на сите што сакаат да пополнат барање за субвенционирана струја. Ние и досега тоа им го кажувавме на компаниите и на институциите. За тоа дали е бирократска процедурата, повелете, проценете сами – велат од ЕСМ, од каде што ни пратија документи за тоа како изгледаат договорите во кои се наведени и придружните документи. Во договорите е наведено дека е потребно: тековна состојба на субјектот не постара од 1 месец, изјава за мерно место; листа на мерни места; барање за промена на снабдувач и изјава за промена на снабдувач.

Не се пријавија малите форми за храна

И Горан Малешиќ од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија се согласува дека станува збор за документација која веднаш се обезбедува и за барање кое се пополнува , како што вели, за пет минути.

– Сите големи компании се пријавија за субвенционирана струја. Големите компании, 75 отсто од пазарот го снабдуваат со леб и и со печива – вели Малишиќ.

На списокот можевме да видиме дека договори за субвенционирана струја имаат и големите компании од млечната индустрија, како што се млекара „Битола“, „Здравје Радово“, „Трница“, „Бучен Козјак“…. Се пријавиле и компании од месната индустрија, како МИК од Свети Николе, МИП Марфил од Прилеп, „Анета компани“ од Скопје…

Малите компании за храна што не се пријавиле веќе се на регулираниот пазар, но струјата од 80 евра за мегават-час е уште поевтина од регулираната.

– На регулираниот пазар, цената на струјата за дневна тарифа е 11 денари и за ноќната е 14 денари за киловат-час. На либералниот пазар, за големите фирми, цената има многу осцилации, но еве во просек е 30 до 40 денари за киловат-час. Субвенционираната цена преку „ЕСМ продажба“ е 5 денари за киловат-час. Дополнително, се плаќа и мрежарина – објасни Малишиќ.

Општините не пријавиле една третина од училиштата

Според списокот што во четвртокот го објави ЕСМ продажба, во Гостивар нема ниту едно училиште пријавено за субвенционирана струја, а во Тетово се пријавило само земјоделското училиште “Моша Пијаде“. Но, „дупки“ има во сите општини, па крајниот биланс е непријавени е околу една третина од училиштата.

Од Општина Тетово за „Слободен печат“ изјавија дека нивните училишта ќе продолжат да се снабдуваат со струја од слободниот пазар, односно од истата компанија со која досега склучувале договори -„Енерџи груп“, оти им дала попуст, а цената која треба да ја платат на компанијата, како што тврдат, не се разликува многу од субвенционирата струја која се нуди преку ЕСМ.

– Втората причина што не аплициравме за субвенционира струја е што има многу процедури за примена во однос на субвенцијата што ја нуди Владата преку ЕСМ – изјави раководителот на Секторот за јавни дејности при Општина Тетово Назми Даути.

За училиштата и за јавните претпријатија за водоснабдување, субвенционираната цена на електричната енергија што ја нуди ЕСМ продажба е 95 евра за мегават-час. На слободниот пазар, за нас е релеванта унгарската ХУПЕКС берза, според која се раководат и трговците со струја. Денеска, цената на базичната енергија изнесуваше 407 евра за мегават-час.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот