Се крева гласот на родителите: Формирана Фејсбук група против онлајн наставата и дигиталните учебници

Фото: Unsplash

Се повеќе родители, особено на деца кои наредната година ќе бидат четврто одделение, го креваат својот глас против новите реформи во образованието. За неполни 24 часа Фејсбук групата „Учебници и настава мора да има!!“ собра 24.000 членови, а главната цел на групата е да се спречи онлајн наставата и воведувањето на дигиталните учебници.

„Јас како дипломиран воспитувач се охрабрив прва да пишам за проблемот кој ќе не уништи сите, и деца и возрасните. Се обидувам да го замислам животот на децата без учебници и не можам да замислам како ќе функционираат искрено. И онака веќе втора година се вразани по 24/7 за стол, а сега ќе треба и да учат од монитори …ако може тоа да се нарече учење. Ве молам доколку ве боли за децата, доколку барем малку посакувате добро за нив, тогаш дајте заедно да се здружиме“, пишува Драгана Спасевска основач на оваа група, упатувајќи повик за учество до сите родители кои се против оваа реформа.

ВИДЕО АНКЕТА: Дел од граѓаните немаат доверба во електронските учебници

Крајната цел на оваа група е да ги собере родителите на едно место и сите заеднички да ги искажат своите ставови, но и да се потпише петиција, за која се надеваат оти ќе допре до МОН, за да се започне постапка за враќање на традиционалното, а не дигиталното учење.

Во групата се изнесуваат јавни ставови на историчари, професори, психолози, кои се против оваа реформа, а родителите јавно преку коментари го изразуваат своето незадоволство.

„Се додека молчиме нашите деца ќе продолжат да бидат експериментални глувци. Се радувам што читам коментари од луѓе кои не сакаат да ги остават своите ученици во канџите на несовесното министерство предводено од Царовска“, вели Слободан Матев, родител на основец и еден од членовите на оваа Фејсбук група.

По одлуката на Владата за електронски учебници, родителите реагираат: Наместо бесплатни книги, сега ќе даваме пари за принтани

Едно од основните барања на овие родители е државата да пронајде начин учениците да ги врати во училиштата, бидејќи како што велат, услови за онлајн настава дома немаат сите.

– Имам три деца кои треба да слушаат онлајн настава. Прво, немам услови да обезбедам три посебни соби за да може секое од нив во тишина да ги следи часовите, а немам ниту средства на секое да му обезбедам посебен компјутер. Државата во овој случај не треба да зборува за дигитални учебници, туку да си најде начин и протоколи по кои учениците ќе се вратат во училница, вели една родителка за „Слободен печат“, која исто така е член на оваа група.

Од МОН пак и натаму стојат на ставот оти дигитализацијата во образованието е неопходна, а министерката Мила Царовска уверува дека сите оние кои немаат услови ќе добијат основни средства за да следат настава. 

Царовска: Со воведувањето електронски учебници фаќаме чекор со државите со квалитетно образование

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот