Се јави инвеститорот на земјиштето во Гази Бабa: Ќе рециклираме прашина од челичарници, тоа е неопасен отпад!

Точно е дека сме заинтересирани за купување на земјиштето во близина на Железара за кое се вознемири јавноста, но не планираме да гориме отпад, туку да рециклираме прашина од челичарници, вели бизнисменот Ѓорги Калешов за Слободен печат во врска со намерата на Општина Гази Баба да продаде три парцели земјоделско земјиште во близина на комплексот на фабриката Железара.

Ќе се топи ли цинкова прашина пред носот на скопјани?

За овој случај екологистите реагираа дека е обид на мала врата да се провлече идна фабрика за преработка на отпад, во која, освен згурата од Макстил, кој се наоѓа во непосредна близина на локацијата, ќе се топи и преработува и увезен индустриски отпад.

„Не се планира отварање на никаква топилница туку рециклажа на цинковата филтерска прашина која се создава во челичаните, со цел да се добие атрактивен комерцијален берзански продукт со содржина од 93% цинк оксид“, појаснува бизнисменот, кој тврди дека застапува конзорциум од неколку компании, меѓу кои и угледни фирми од Австрија, заинтересирани да инвестираат во овој бизнис токму во Македонија и токму на оваа локација.

Претходно, градоначалникот на Гази Баба Борис Георгиевски упорно негираше дека на спомнатите плацови ќе се гради објект од загадувачка индустрија.

– Чиста шпекулација е дека во Гази Баба ќе се продава земјиште кое ќе се намени за изградба на фабрика за преработка на отпад, туку се работи за земјиште кое ќе биде наменето за постројки за термички, физичко – хемиски и хемиски третман на неопасен отпад”, изјави пред две недели Георгиевски.

Откако сандачето на Општина Гази Баба било буквално преполнето со забелешки упатени од граѓаните, периодот за забелешки е продолжен за 15 дена повеќе од законскиот рок. Граѓаните потпишуваа и онлајн петиција со која се бара Општината да не дозволи ширење на индустрија која е иден потенцијален загадувач.

„Според класификациите и категоризации на видовите на отпад, вклучувајќи ја и Базелската Конвенција, цинковата прашина е неопасен отпад. Цинковата прашина која е основна суровина во индустрискиот процес е всушност нус-продукт од челичарниците и тој ќе може да се преработи со планираната инсталација“, вели Калешов.

Бизнисменот Калешов, инаку, на македонската јавност и е познат по тоа што е животен сопатник на естрадната ѕвезда Викторија Лоба, а неговото име беше спомнувано помеѓу останатите членови на Управниот одбор на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13, осуден во аферата Рекет.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот