Се иселија 700.000 граѓани, а нив мува не ги лази!

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Од 2011 до 2019 година се сменија две влади – и левичарска и десничарска. Дали некоја го стави човекот во центарот на вниманието? Прашањето е комплексно и веќе на сите им е јасно дека, иако парите се најважни, има и други причини, и тоа не помалку важни, што натерале огромен број интелектуалци, кои можеле солидно да заработат и кај нас, да заминат во странство

Од Македонија за девет години се иселиле 700.000 граѓани. Оваа поразителна статистика што ја сподели вицепремиерот Фатмир Битиќи ја отслика тажната вистина за општеството и за економијата. Не дека од другите балкански земји не си заминуваат, но во земја во која според пописот од 2021 година имало 1.836.713 резидентни жители, а во која се отселени 700.000 во периодот од 2011 до 2019 година, алармот мора да се подигне на највисоко ниво, а редно е и да се впери прстот во сите што доведоа до ваква состојба, како и во сите што сè уште се потенцијални виновници за идните иселувања.
Од 2011 до 2019 се сменија две влади – и левичарска и десничарска. Дали некоја го стави во центарот на вниманието човекот? Прашањето е комплексно и веќе на сите им е јасно дека, иако парите се еден од најважните моменти при миграциите, има и други моменти – и тоа многу важни, кои натерале и една огромна група интелектуалци, кои можеле солидно да заработат и кај нас, да заминат во странство. За сите тие иселувања виновни се носителите на власта, стопанствениците, судството, образованието…

Медиумите се полни со тажни приказни за проблеми во образованието – критики за учебници, неетичко однесување на професори, притисоци што професорите ги трпат од моќните родители за незаслужени оценки… Образованите потклекна уште од седнувањето на првото училишно столче, па сè до добивањето на универзитетската диплома. Секако, ова не е правило за сите. Но, еве што кажуваат резултатите од тестирањето на учениците на возраст од 15 години со ПИСА-тестот на ОЕЦД. Последни објавени резултати се за 2020 година (има направено тестирање и годинава, но уште нема резултати). Според последните резултати, 35 отсто од нашите тестирани ученици се под долниот прв праг во однос на способностите за читање и за разбирање на прочитаното. Што понатаму да зборуваме!

Да се свртиме кон здравството. Самите лекари за време на пандемијата зборуваа дека треба да се направат анализи зошто смртноста кај нас беше толку висока. Па, нека направат! Ама нека ѝ погледнат в лице на вистината. Нашиот здравствен систем не функционира, а за тоа се виновни и тие. Кој добил комплетен и навремен здравствен одговор за некоја сериозна здравствена состојба, а без да има врски, бидејќи кај нас главно врските ги отвораат вратите? Од друга страна, зошто лекарите бегаат од Македонија и како таму стануваат успешни, а ги има раселени низ целиот свет. Ако ги прашате, ќе ви кажат – поради условите за напредок, поради колегијалниот однос на тамошната лекарска фела, поради вработувања според способноста, а не според партиска книшка. Всушност, тоа се истите причини поради кои од државава си заминуваат многу други наши сограѓани.

Можеме да зборуваме и за нивите на кои сè помалку има насадено, затоа што нашите потенцијални земјоделци отидоа да работат по туѓи имоти во светот. И тука има виновници – прстот е вперен во креаторите на земјоделските политики кои неповратно загубија многу време во грешки, во креаторите на регионалниот развој кои не успеаја ништо регионално да развијат, па и во креаторите на урбанизмот кои дозволија Скопје да стане Македонија, а потоа и во Скопје да нема пристојна работа.

Можеме да зборуваме и за Министерството за информатичко општество и за јавна администрација кое треба да го олесни секојдневието на граѓаните низ квалитетни решенија и кое треба да поттикне квалитетен закон и социјален дијалог за вработените во јавниот сектор. Можеме да зборуваме и за Министерството за финансии кое, како чувар на трезорот и креатор на Буџетот, треба да ги активира механизмите во рамките на своите надлежности за максимално и соодветно искористување на секој денар од народните пари. Можеме да зборуваме и за судската власт и за антикорупционерите… Сите ставиле свој потпис на картите во еден правец, а печатот го удриле стопанствениците, кои со секоја влада успеваат да направат успешна коалиција во кршењето закони. Компаниите, додека можеа, бескрупулозно грабаа профити и ја прошируваа империјата на сметка на ниските плати. Сега велат: нема работници. Но, и понатаму не сакаат да делат. Навистина состојбата во моментов е критична поради цената на струјата, но, како што би кажал министерот за економија Крешник Бектеши – видете какви добивки сè уште прават!

Во економијата, работната сила е капитал. Во Македонија, таа е трошок.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот