Се гради поликлиника во Сарај за 45 илјади жители

Фото: Министерство за здравство

Во тек е изградбата на поликлиниката во Општина Сарај која ќе биде дел од Здравствениот дом во Скопје. Според министерот за здравство Венко Филипче оваа амбуланта ќе служи на близу 45 илјади жители од овој регион кои немаат ниту една поликлиника во близина.

Филипче денеска изврши увид во градежните работи на Поликлиниката и изјави дека ова е дел од една голема инвестиција во примарното здравство во Скопје.

– Оваа амбуланта треба да биде дел од здравствениот дом Скопје и да служи на навистина голем број на жители кои што живеат во овој регион. Тоа се близу 45 илјади жители од преку 20 населени места кои во овој момент немаат поликлиника, ниту амбуланти близу до своите домови – рече Филипче.

Во оваа поликлиника треба да има повеќе дејности како лекари по општа медицина, специјалисти, рентген дијагностика и лабораторија.

Филипче најави дека е во план целосно да се заменат амбулантите во општините Аеродром, Лисиче, Бутел, Ѓорче Петров и во Карпош. Тоа се, како што рече, навистина дотраени амбуланти.

Во Кисела Вода, пак, исто како и во Сарај, ќе се гради поликлиника.

– Целиот овој систем, оваа инвестиција покажа дека јавното здравство е навистина многу битно. Истиот систем го направивме и со делот на модуларните болници, навистина брзо и ефикасно сега се спремни и се веќе во огромен број и ставени во функција. Навистина има потреба согласно ова зголемување на бројот на новодгијагностицирани пациенти кои што се случува во изминатиот период – рече Филипче.

Дел од инвестицијата е  во примање на кадар.

– Изминатиот период примени на работа се над 140 доктори, над 200 медицински сестри, околу 30 лекари специјалисти и сето тоа е заокружено со зголемувањето на платите, на  сумите за дежурства. Една сериозна инвестиција во јавното здравје, нешто што навистина ни помага да се зголеми квалитетот на услугата, да се олесни пристапот, а сега видливо како во овие услови на пандемија тоа е многу битно – додаде министерот.

Градоначалник на Сарај Блерим Беџети изјави дека ова е многу значаен период за граѓаните, имајќи го предвид и бројот на жителите и предизвиците кои се пред нас.

– Благодарен сум на Министерството за здравство и на министерот за коректноста со вакво темпо кое се одвиваат работите многу брзо ке биде во финална фаза, и конечно услуги од ваков вид на здравство во поликлиника ќе може да ги добиваат граѓани на Сарај но и другите граѓани – рече градоначалникот Беџети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот