Се гради парк на местото на депонијата кај железничката станица

Шилегов рече дека ова е само почеток на активностите на Градот во текот на оваа сезона, особено во отворање на нови јавни простори.

На местото на некогашната депонија, во близина на железничката станица, сега се гради парк, на површина од 6.000 метри квадратни. Локацијата денеска ја посетија градоначалниците на Град Скопје, и општините Аеродром и Центар, Петре Шилегов, Златко Марин и Саша Богдановиќ.

– Денеска сме на локацијата што повеќе од 20 години беше дива депонија и беше место коешто претходно никој не нашол за сходно да го среди. Преку ЈП Улици и патишта во изминатиов период ја исчистивме таа дива депонија и исфрливме повеќе од 15.000 кубни метри смет. Денеска вршиме увид на овој нов јавен простор каде што треба да никне и мал парк и детско игралиште. Верувам дека ќе го разубавиме овој дел од градот со цел на нашите сограѓани да им овозможиме пријатно место каде што ќе можат да го поминуваат своето слободно време- рече Шилегов.

Тој додаде дека ова е само почеток на активностите на Градот во текот на оваа сезона, особено во отворање на нови јавни простори.

– Во овој момент се чистат депонии во општина Бутел, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Карпош, Аеродром, каде што ќе никнуваат нови вакви мали паркови, мини зелени оази, со цел јавниот простор да го заштитиме, пред се од градежно дивеење, меѓутоа и од фрлање на ѓубре и отпад кој каде ќе стигне.  Ги потсетувам  граѓаните на Скопје дека Скопје ќе биде онолку убав град колку што ние ќе сакаме сите заедно да го направиме – порача Шилегов и упати апел до граѓаните одговорно да се однесуваат со животната средина и отпадот што го создаваат.

Златко Марин најави продолжување на активностите за  уредување на неуредените површини во Општина Аеродром, додека Саша Богдановиќ ја поздрави иницијативата за преуредување на овој простор и истакна дека Општина Центар ќе ги презема своите обврски за да имаме едно убаво катче што ќе се наоѓа на граници меѓу двете општини.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот