Се градат монтажни болници во 16 града

Министерството за здравство информира дека денеска во Гевгелија почна поставувањето на модуларната болница, а во текот на следната недела ќе се монтираат објектите во Струмица, Куманово, Струга и Кичево. Во сите општини забрзано се работи на реализација на проектот за модуларни болници од Светската банка – се подготвува теренот, се расчистуваат локациите, јавните претпријатија обезбедуваат приклучоци, а стручните служби на општините даваат максимална поддршка. Според МЗ, активностите во сите општини течат согласно утврдениот план и динамика.
Општината Битола и јавните претпријатија го уредуваат просторот и го подготвуваат теренот за поставување на три модуларни болници со капацитет од 100 болнички кревети и три тријажни центри. Во моментов, во Битола се бетонираат бетонските подлоги за поставување на модуларните болници. Во Штип теренот е подготвен за бетонирање на подлогата, а инсталациите се донесени до точките за приклучни места. Во Струга завршува бетонирањето на бетонската подлога, а сите инсталации се спроведени. Со забрзана динамика се работи на теренот во Гостивар, Кичево, Прилеп и Кавадарци. Во Кочани теренот е спремен и ќе започне бетонирање на подлогата. Во Дебар и Тетово во тек се подготвителните  работи. Во Ресен се работи на планирање на локацијата.
„Општина Охрид почна со расчистување на теренот и забрзано работи на обезбедување на пристапни патеки и спроведување на инсталации. Јавните претпријатија и општина Велес работат на расчистување на теренот и поставување на инсталации, имајќи во предвид дека локацијата е специфично поставена на терен во пад. На сите 16 локации се работи истовремено“, соопшти Министерството.
МЗ упати благодарност до градоначалниците на 16 -те општини за максималниот ангажман и до нивните јавни претпријатија што се ставија целосно во функција на здравствениот систем.
„Крајните рокови за пуштање во употреба на сите модуларни ковид центри истекуваат за три месеци. Но, како ќе завршува монтажата, така ќе пристига и потребната опрема и инвентар за целосно опремување, што ќе значи и сукцесивно пуштање во употреба. Секој регионален ковид центар ќе има приемен и тријажен оддел, целосно опремена лабараторија, целосно опремени болнички соби и сите други помошни простории за персонал и пациенти“, информира министерството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот