Се гласа во седум европски држави, Црна Гора избира претседател, во Бугарија парламентарни избори

EPA-EFE/YOAN VALAT

Во седум земји во Европа денеска се одржуваат избори – претседателски во Црна Гора, парламентарни во Бугарија, Финска и Андора, четири изборни единици во Франција гласаат за свој претставник во Парламентот, а во Италија и Швајцарија има регионални избори.

Во Финска се одржуваат парламентарни избори, а резултатот ќе ја одреди политичката иднина на премиерката Сана Марин. Анкетите, спроведени од „Јуроп електс“, што ги пренесува „Еурактив“, покажуваат дека коалиција од пет партии, во која е и Марин, што ја сочинуваат Социјалдемократската партија, партијата Кеск, Зелените, Левицата и Либералната народна партија, најверојатно ќе го задржат мнозинството.

Во Бугарија се одржуваат петтите предвремени избори за помалку од две години, а анкетите покажуваат дека сојузот „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“ е речиси изедначен со централно-десничарската коалиција ГЕРБ-СДС, предводена од поранешниот премиер Бојко Борисов.

И двата сојуза имаат поддршка по околу 26 отсто од гласовите, но сè уште не се знае кој ќе ја формира владата, особено што е неизвесно дали некои помали партии ќе го поминат прагот од четири отсто. ДПС и екстремно десничарската партија „Преродба“ се на третото место со околу 13 отсто поддршка, додека на БСП и се прогнозираат осум отсто, што би бил нивниот најлош изборен резултат досега.

Малку е веројатно дека и овие избори ќе резултираат со посакуваната промена за Бугарија, која подолг период се бори да формира трајна владина коалиција, што доведе до повеќекратни предвремени избори од април 2021 година.

Гласачите во Црна Гора денеска излегуваат на гласање во вториот круг од претседателските избори, по што може да се случи ДПС првпат да ја загуби претседателската функција. Кандидатот на „Европа сега“ Јаков Милатовиќ има реални шанси да го победи Мило Ѓукановиќ, кој како претседател или премиер управува со земјата од 1990 година.

Во Франција во екот на протестите за пензиските реформи, гласачите во четири од 577 изборни единици ќе излезат на гласање за да изберат свои претставници во Парламентот. Во изборната единица Ариеж на југот на Франција традиционално на власт се партиите од левиот центар, што најверојатно нема да се промени, бидејќи во првиот круг беа елиминирани кандидатите од левиот центар и либералите. Во преостанатите три единици, гласачите кои живеат во Израел, Италија, Грција, Кипар, Турција, Магреб, Западна Африка, Карибите и Латинска Америка излегуваат на гласање во првиот круг од изборите за вкупно тројца пратеници. Едно место има центристичката партија УДИ, едно централно-левичарската партија „Генерација“ и едно место партијата Преродба на претседателот Макрон.

Во Италија  во Фриули Венеција Џулија ќе се одржат регионални избори, кои ќе бидат тест за десничарската алијанса на премиерката Џорија Мелони, чија партија „Браќа на Италија“ постигна историски резултат на последните регионални избори. Сепак, добар дел од поддршката на нејзината партија дојде од Лигата на Матео Салвини и Форца Италија на Силвио Берлускони. Не беа објавени предизборни анкети.

Во Сан Марино на секои шест месеци се избира нов шеф на државата, односно според распоредот тоа ќе се случува денеска, а гласачите во Андора избираат нов национален парламент.

Во Швајцарија се избираат нови регионални парламенти во Женева, Луцерн и Тичино, а изборите се важен тест за партиите пред националните парламентарни избори подоцна оваа година. Во Женева и Луцерн се одржува и првиот круг од изборите за регионална влада

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот