Се буди Исток, за Запад треба да видиме

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Значењето на арапскиот свет не доаѓа само поради војната против тероризмот. Овој свет е сè уште и тоа како битен не само поради енергетската моќ, туку и поради „факторизацијата“ што почна да ја прави уште во ек на промоција на глобализацијата како нужно добро.

Жестината со која се засилува геостратегиската трка секојдневно добива нова димензија. Идејата за предизвик на униполарниот свет како никогаш досега има своја операционализација. Последното засега е во зборови, помалку во практика. Покрај главните предизвикувачи за кои постојано зборуваме во овој контекст и на овој форум, една група држави што некако беа лојални, ама онака држени по страна, како да се построи во редот за предизвикување на униполарната либерално-демократска доминантност. Иако не можеме да кажеме дека имаат радикален пристап како дел од предводниците на предизвикот, на пример Русија, која не само преку информации и дипломатија туку и во сферата на економијата и најстрашно од сè со употреба на сила е спремна да го предизвика униполарниот свет.

Во овој контекст, само да потсетиме, официјални Москва и Пекинг го обвинуваат Запад дека се обидува да наметне универзализам на вредности, перцепции и ставови. Во редот на таквиот предизвик, засега преку нагласен наратив, е и арапскиот свет што по повлекувањето најпрвин на САД, а потоа и на коалицијата држави што ги поддржуваа во напорите против глобалниот тероризам од Авганистан, некако го загуби приматот во информациите од „мајнстрим“ медиумите. Тоа можеби и е разбирливо поради руската инвазија врз Украина и затегањето на односите на Пацификот. Но, значењето на арапскиот свет не доаѓа само поради војната против тероризмот. Овој свет е сè уште и тоа како битен не само поради енергетската моќ, туку и поради „факторизацијата“ која почна да ја прави уште во ек на промоција на глобализацијата како нужно добро.

Сетете се само за тоа како паралелно на промоцијата на евроатлантските вредности дел од земјите од Голфскиот Залив, почнаа како клин да имаат свое влијание во регионот. Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), кралството Саудиска Арабија-СА, па и Катар се најдоминантни земји кои некако стихијно и во стилот „ду-нат рок да бол – моуд“ си се провлекуваа со низа инвестиции во изминатите години и се појавува овде-онде во некои извештаи за влијание на авторитарни режими во регионот. Само колку за илустрација, ОАЕ и СА во неколку извештаи се споменуваат како режими кои учествуваат во стимул на локалната корупција, особено онаа одбранбената. Ако си споменувате, дел од НАТО и земјите на ЕУ, но и земјите од Партнерството за мир, како Србија, беа вмешани во скандали на заобиколување на критериумите на ЕУ за испорака на оружје и директивите на ЕУ за тоа како и каде може да се испорачува. Во тој контекст Хрватска, Бугарија, Чешка, Србија, Босна, па и Црна Гора се јавија како земји каде што се менувале сертификати и крајни корисници на испорака на оружје и во кои значителна корупциска шема поврзана со локалните власти на овие земји беше разоткриена. Меѓутоа, сето тоа некако под превезот на други приоритети беше забошотено. Можеби многу слично, како обидот на лидерите на ЕУ да прикажат решителност во прекинувањето на енергетската зависност од Русија поради илегалната инвазија врз Украина, кој од еден авторитарен режим летнаа во прегратките на друг – Катар. Кога беа прашани заради транспарентноста и отчетноста де, од слободни новинари за разликата на снабдувачот, некако одговорите се преспаа или се разлеаја во низата на проблеми и скандали исто така поврзани со лобирање за дел од овие режими. Поентата на муабетот е што во трката со главните предводници на предизвикот на либерално-демократската доминација, на овие играчи (од Арапскиот свет) како да се заборави, а тие се и те како клучни заради четири работи. Прво, иако напорите за извори на енергија од обновливи извори се за поздрав и се сериозни како никогаш досега, сè погласни стануваат извештаите за тоа дека алтернативата на традиционалните енергенси не е така ветувачка (за ова во наредниот број). Ако на ова се стави западниот „консумеризам“ што е главната мантра која се продава во промоцијата на либерално-демократскиот свет (како удопствата, технолошкиот напредок и супериорност), тогаш има сериозен проблем околу слободата, креативноста, но и при изборот на алтернативите за партнерства (апропо руската енергетска моќ и кинеската линија на снабдување работна и производствена сила, во најблага форма). Второ, чувството кај арапскиот свет, без да навлегуваме за оправданоста, дека Западот ги сака како партнери само поради привилегираниот пристап до енергенсите, иако во реалноста ги презира.

Иако има такви што ќе дадат низа примери на алтернативни политички маневри или изјави, погледнете го само последното интервју на главниот на уредник на „Араб њуз“ Фајсал Абас за геополитичкото шоу „Одејќи под земјата“. Tој мошне отворено говори за пркосот кон западниот свет. За волја на вистината, во неколку наврати човекот потенцираше дека западните пријатели се важни, ама во целото интервју преовладува пркос и нагласена потреба од автономија во носењето на одлуките визави враќањето на Ал Асад во арапската лига, трансформативните промени што се случуваат во Саудиска Арабија и во целиот регион, мировниот договор постигнат со посредство на Кина помеѓу Саудиска Арабија и Иран, покривањето на Саудиска Арабија во САД и Европа, за тоа како „Визијата 2030“ на Саудиска Арабија ќе ја поттикне транспарентноста и слободата на печатот во земјата и зошто тој претпочита да биде новинар во Саудиска Арабија наместо во ОК. Трето, повеќе апстрактно би рекле, според некои видувања, пристапот во градењето на државата, начинот на уредувањето, но и управувањето со државата е неспоив со либералните вредности. Така, на пример, критичарите укажуваат дека постои растечки јаз помеѓу исламските и западните сфаќања за тоа што претставуваат свети верски права и слобода на изразување, која сè повеќе се артикулира. Таквиот јаз впрочем во практика се покажа како сериозен проблем за самата либерална демократија во земјите што важат за колевки на либерално-демократскиот свет. Во случајот Ерика Лопез Пратер против раководството на Универзитетот Хамлајн во Минесота, на пример, САД се соочуваат со конфликт сличен на оној од кризата со цртаните филмови во Данска. Ерика Лопез Пратер, професор на Универзитетот Хамлајн, на едно од предавањата за исламска уметност покажала слика на пророкот Мухамед од четиринаесеттиот век, поради што била отпуштена затоа што универзитетот го сметал нејзиното однесување „исламофобично“. Додека раководството на Хамлајн призна дека постапката можеби била „погрешен чекор“, Лопез Пратер во јануари оваа година поднесе тужба во која тврди дека има верска дискриминација и клевета. Гледано во целост, се чини дека во либерално-демократскиот дискурс постои конфузија за тоа што претставува исламофобија, а што критика на политичкиот ислам.

Во овој контекст веќе подвлековме дека постојат разлики и во перцепцијата околу почитувањето на човековите права. Попрецизно, посочивме дека според голем број либерални автори, во однос на слободата на изразување постои отворен конфликт помеѓу исламските и западните гледишта. Исламската дефиниција, според Декларацијата за човекови права во исламот од Каиро (1990 година), го ограничува изразувањето мислење на начин што би бил спротивен на шеријатот – исламскиот закон заснован на Куранот. Овие аналитичари генерално останаа игнорирани кога укажуваа дека оваа одредба е некомпатибилна со Декларацијата на ОН за човекови права и со Меѓународниот пакт за граѓански и политички права. Упс! Можеби некој ќе се зачуди. Да, драги мои, ова е еден од оние компромиси што западната либерална политика ги има направено и преку кои поради алчноста што сега ѝ се враќа како бумеранг и интерпретација на двојни стандарди кога водството сака да критикува за почитување на основните човекови права има бурни реакции и отпор кај овој дел (арапскиот) од светот. Четврто, во пркосот што Русија и Кина го прават, арапскиот свет може да има или би рекле најверојатно ќе има пресудна улога.  Обидот за дедоларизација според некои видувања е потајно посакуван кај дел од водството во арапскиот свет, за да се оттргне од хипокритското пријателство на Запад. Пишувањата на „Фајненшл тајмс“ за тоа дека КСА води преговори за приклучување кон БРИКС исто така одат на ова конто. На дипломатски план, како што веќе посочивме арапскиот свет извесен период уште по јавното одбивање КСА да учествува во работата на Советот за безбедност на ООН барајќи реформи гневни на Вашингтон почна да демонстрира дипломатска автономија во носење клучни одлуки без Запад. Воено, би рекле дека иако има многу финансии и технологија, не е јасно колку и како овие капацитети ќе може да се валоризираат во исполнувањето на крајните цели на овој инструмент на политичка моќ – едноставно затоа што има многу малку практика преку која би можеле неутрално да оцениме. Сепак, гневот за тргањето на екстремистичката група Хути во Јемен од листата на терористички организации, без разлика за духот на добрата волја, за КСА и ОАЕ е хипокризија.

Независно од перцепциите и од тоа дали овој гнев е оправдан или не, она што е битно е дека директните ревизионисти Кина и Русија имаат потенцијални партнери, со кои ако не можат да се најдат околу некои прашања, најверојатно ќе се најдат во ефектуирање на пркосот кон либерално-демократскиот свет. Истовремено, критиките за и околу Украина стануваат сè подлабоки – бразди што ги оцртуваат рововските позиции на поделеност во западните редови. Ако сака да ја зачува својата супериорност, либерално-демократскиот свет ќе мора да има посериозен пристап и посветеност кон надминување на предизвиците и несогласувањата, збивање на редовите и обединување.

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот