Се будат младите сили, тоа треба да нѐ радува!

Фото: Драган Митрески / Слободен печат

Треба да бидеме задоволни од доброто издание и головите на Елмас, Чурлинов и Миовски, а се надеваме дека во иднина и останатите ќе бидат на високо ниво затоа што и се потребни на Македонија.

За Македонија заврши и овој репрезентативен циклус во кој одигравме еден натпревар во квалификациите за Европското првенство 2024 против Малта и еден пријателски против Фарски Острови. Двајца противници против кои бевме фаворити, запишавме две победи, но не бевме така убедливи и тоа е она што јавноста ја загрижува, па затоа и селекторот Благоја Милевски доби одредени критики, иако тој вели дека е задоволен и оти репрезентацијата полека наликува на онаква каква што тој посакува да изгледа.

Против Малта, која во составот имаше само четворица фудбалери кои не играат во нивното домашно првенство, цели 60 минути немавме удар во рамките од голот. Тогаш Барди од работ на шеснаесетникот го упати првиот шут. Претходно ја имавме топката, но сериозните прилики изостануваа.

Конечно, отпорот го скрши Елмас по асистенција на Миовски во 66-тата, со само вториот наш удар кој ја погоди рамката од голот. Набрзо следуваше и погодокот на Дарко Чурлинов, кој одлично пронајде простор покрај својот чувар и ја смести топката во мрежата.

Иако стартувавме со многу промени во составот, слична беше нашата игра и вчера против Фарски Острови. Натпреварот против Малта го завршивме со четири удари во рамките од голот, ист беше случајот и со Фарските Острови. Оваа средба ја одлучи Миовски, кој влезе во вториот дел и ја донесе победата со голот во 81 минута.

Милевски по вчерашниот натпревар изјави дека енергијата и желбата, посебно против Фарски Острови, била тоа од што најмногу бил задоволен. Нека биде така, но барем според мене, има и уште нешто, можеби поважно.

Се будат можеби лидерите на новата генерација…

Во овој момент Македонија нема класичен напаѓач кој повеќе ветува од Миовски и веројатно од него треба да очекуваме да биде лидерот на нашиот напад во иднина. Во добра форма игра и Валон Етеми, но сепак Миовски во овој момент некако повеќе се истакнува и добрата форма успеа да ја пренесе во репрезентацијата.

Милан Ристовски засега како да е во сенка, а на Трајковски и Несторовски полека им минува времето. Штета беше што Дориан Бабунски не го видовме на овие натпревари поради повреда.

Чурлинов долго време беше повреден и на овој собир дојде со мала минутажа во Барнли, но не разочара и во минутите кои беше на теренот одигра сосема солидно.

Фото: Драган Митрески / Слободен печат

Елмас долго време се наметнува како лидер на новата генерација, а во фантастичниот Наполи сезонава редовно влегува од клупата во последните 20-30 минути и најчесто остава добар впечаток. Со Малта и ќе беше потешко, ако тој не го скршеше отпорот во таа 66-та минута. Во првото полувреме на овој натпревар имаше Елмас и две-три ситуации во кои премногу „солираше“ и требаше порано да завршува, а за тоа беше свесен и самиот, истакнувајќи го на прес-конференцијата пред натпреварот со Фарски Острови

Како и да е, треба да бидеме задоволни од доброто издание и головите на овие тројца, а се надеваме дека во иднина и останатите ќе бидат на високо ниво затоа што ѝ се потребни на Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот