Се ближи денот на распуштање на Собранието, партиските ставови за Законот за ЈО непроменети

Додека се ближи денот на распуштање на Собранието, (11-12 февруари) од ВМРО-ДПМНЕ, не даваат позитивен сигнал дека е можно гласање на овој значаен Закон за ЈО.

До крајот на неделава стручните тимови на ВМРО-ДПМНЕ треба да достават предлози и забелешки на законот за Јавно обвинителство, по што би требало да се одржи средба на работните групи. Оваа произлезе од вчерашната средба меѓу Бојан Маричиќ од СДСМ и Тимчо Муцунски од ВМРО – ДПМНЕ, на која станало збор за можните решенија и одоглавување на дијалогот за законското решение за Јавното обвинителство.

-ВМРО-ДПМНЕ се обврза да достави конкретни писмени забелешки на текстот на законот во наредните денови пред да се закаже средба на работните групи која би требало да се случи до крајот на оваа недела. Постапките на СЈО и продолжување со работа на обвинителите на конкретните случаи со кои се задолжени остануваат најголем проблем за опозицијата. Ние сакаме правда и професионално обвинителство кое ќе ги продолжи постапките. СДСМ цврсто стои зад донесување на законот и работиме со сите пратенички групи за негово донесување, велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, посочуваат дека камен на сопнување продолжува да биде, како  што наведуваат, „неизбалансираното законско решение со кое засега не се гарантира независно јавно обвинителство кое е подложно на политички злоупотреби”.

Пред оваа средба меѓу Маричиќ и Муцунски, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, изрази надеж дека ќе се донесе Законот за ЈО пред распуштање на актуелниот собрансики состав. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, обвинија дека преку новото законско решение за ЈО, СДСМ сака „да ги заштити криминалите на Заев”. Лидерот на СДСМ, пак, вчера изјави дека работите за обезбедување двотретинско мнозинство за носење на законот за јавно обвинителство добро се движат.

– Немаме многу време, бидејќи тоа е еден од законите кои треба да го донесеме заради реформите и граѓаните и трансформацијата која треба да следи во наредниот период, порача Заев.

Носењето на законот за јавно обвинителство, како што рече, е обврска што треба да се заврши заради граѓаните, но би бил и аргумент плус пред земјите од Европската Унија при нивното одлучување за старт на пристапните преговори.

-Треба да направиме структурен и суштински европски закон за јавно обвинителство. Ред е големите политички партии да најдат решение за вака сериозно прашање посебно кога СЈО е веќе завршена работа, односно предметите се обезбедени и ќе се имплементираат во судот. Очекувам од ВМРО-ДПМНЕ да добиеме пишан предлог за да може после да се помине на работни групи, рече Заев.

Додека се ближи денот на распуштање на Собранието, (11-12 февруари) од ВМРО-ДПМНЕ, не даваат позитивен сигнал дека е можно гласање на овој значаен Закон за ЈО.

Според ВМРО-ДПМНЕ, на СДСМ и Зоран Заев најмалку им одговара квалитетно решение на Закон за јавно обвинителство, бидејќи по тој закон професионалната и независна институција би требало да не замижува туку да отвара истраги за сите наместени тендери, афери и скандали а криминалците од власта да одговараат за општиот грабеж.

– Зоран Заев знае дека овој пат нема да се спаси со никаква аболиција или амнестија туку ќе одговара за сторениот криминал. СДСМ и Зоран Заев по 12-ти април ќе одговараат за сторените криминали и злосторства. Одговорноста доаѓа заедно со обновата. Зоран Заев и СДСМ никогаш повеќе, соопштија од ВМРО-ДМНЕ.

Со свој став по однос на последните случување со Законот за ЈО, вчера излезе и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој ги повика политичките партии да ги надминат, како што кажа, теснопартиските и политички позиции што се однесува до Законот за ЈО. Вицепремиерот Османи, потсети дека законот не е условен од Европскиот совет или Комисијата, но дека е важно за одредени земји-членки на Унијата, како Холандија и Франција.

– Независно што на сите ни е јасно дека прашањата што требаше да се регулираат со законот за јавно обвинителство се веќе регулирани со фактот што јавното обвинителство ја продолжи работата на специјалното јавно обвинителство таму каде што тоа застана со превземање на предметите, преземање на архивата, преземање на вработените, но сепак потребата за донесување на двотретински закон за борба против корупција на високо ниво има и симболично значење бидејќи покажува и посветеност и консензуалност на сите партии, целиот спектар на политички партии во државата да се вклучат во борба против корупција на високо ниво, изјави вчера Османи, одговарајќи на новинарско прашање по средбата со членовите на Државната изборна комисија (ДИК).

По серијата неуспешни обиди за договор меѓу власта и опозицијата, прашањето за законот за ЈО повторно се актуелизира по минатодонеделната посета на еврокомесарот Оливер Вархеи на Скопје, кој порача дека би било добро сегашниот парламентарен состав пред распуштањето да го донесе законот, што би било добар знак упатен до земјите-членки на ЕУ во контекст на очекуваната одлука за отворање на преговорите за членство на земјава во Унијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот