Се ближи Денот на победата: Светот го очекува говорот на Путин

Подготовки за парадата на 9 мај во Москва / Фото: ЕПА

Се ближи денот кога Русија ја слави победата над фашизмот во Втората светска војна. Денот на победата традиционално се одбележува на 9 мај со голема парада на Црвениот плоштад во Москва.

Се шират теории дека на тој ден може да се случи сè, а теориите се движат од тоа дека Путин би можел да ја заврши војната до овој датум, до фактот дека дури тогаш може да започне целосната мобилизација и офанзива против Украина.

Папата Франциск рече дека унгарскиот премиер Виктор Орбан му рекол за време на неодамнешниот состанок на крајот на април дека рускиот претседател Владимир Путин планира да стави крај на инвазијата на Украина на 9 мај. Папата ова го кажа во интервју за „Кориере дела сера“.

-Орбан, кога се сретнавме, ми кажа дека Русите имаат план и дека сѐ ќе биде готово на 9 мај. Тоа би ја објаснило и брзината со која настаните ескалираат деновиве. Затоа што веќе не е само Донбас, туку и Крим и Одеса, се окупираат украинските пристаништа на Црното Море, рече папата.

Од друга страна, некои западни претставници велат дека Путин, кој сегашната инвазија на Украина ја нарекува „специјална воена операција“, би можел да објави војна на 9 мај и да започне општа мобилизација.

-Мислам дека ќе се обиде од својата специјална операција да премине во војна, изјави британскиот министер за одбрана Бен Валас минатата недела за радио ЛБЦ. Валас додаде дека „нема да биде изненаден ако на 9 мај Путин изјави дека сега е во војна со светските нацисти и дека мора масовно да ги мобилизира Русите“.

Русите ги отфрлаат таквите конструкции. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека нема шанси рускиот претседател Владимир Путин да ѝ објави војна на Украина на 9 мај, Денот на победата на Русија, отфрлајќи ги шпекулациите како „глупости“.

Прашан од Си-Ен-Ен на редовната конференциска врска за тоа колкави се шансите Путин да објави војна на Денот на победата, Песков рече „никакви“ и додаде: „Ова е глупост“. Песков, исто така, ги отфрли информациите дека Путин би можел да го искористи Денот на победата за да објави мобилизација во земјата.

Угледниот „Тајмс“ објави дека Русија би можела да се обиде да ја нападне Молдавија до 9-ти мај. На тој датум, претседателот Владимир Путин би можел да го објави признавањето на независноста на Придњестровје, што би ја проширило војната на друга држава и ќе отвори нов фронт за Украина.

-Ние веруваме дека Кремљ веќе одлучил да ја нападне Молдавија. Судбината на Молдавија е клучна. Ако Русите ја преземат контролата, ние ќе бидеме полесна цел на воен план, а заканата за Украина ќе биде егзистенцијална, изјавил украински извор за Тајмс, а пренесе Ukrinform.net.

И додека за сето ова се шпекулира, во Москва се водат одлични подготовки за Денот на победата. Русија го донесе целото свое оружје на улиците на Москва, од тенкови до ракетни фрлачи, оклопни возила и друго оружје. Граѓаните сето тоа го гледаат.

Според медиумите, оваа година Кремљ ветува парада со околу 11.000 војници, 62 авиони и 15 хеликоптери. Осум МиГ-29 ќе ја формираат буквата Z, симбол што го усвоија поддржувачите на руската инвазија на Украина.

Исто така, со голем интерес се очекува каков говор би можел да одржи Путин. Том Николс од Атлантик пишува дека оваа година светот внимателно ќе го слуша говорот на Путин.

-Русија повторно е во голема војна во Европа, овој пат како агресор, додека Путин води луда крстоносна војна за да воспостави некаква христијанска словенска империја која ќе го замени Советскиот Сојуз. пишува Николс.

Тој напиша и дека Русија претрпела бројни загуби во војната, за кои некој мора да биде виновен. Тој нагласува дека тоа сигурно нема да биде Владимир Путин.

-Путин ќе го обвини Западот за своите проблеми и речиси сигурно ќе упатува закани, вклучително и други закани со нуклеарно оружје. Може да има повици за акција упатени до рускиот народ, објаснува Том Николс.

Ако Путин повика на мобилизација, проблемите со кои долги години се соочуваат руските регрути и војската, а кои беа ублажени последниве години со низа мерки за подобрување на условите за живот и служба, повторно ќе се вратат и ќе бидат потребни месеци или дури години обука пред новите трупи да бидат подготвени за борба.

-Во меѓувреме, масовното регрутирање ризикува да ја налути руската јавност, која досега ја поддржуваше војната, но од безбедна дистанца, заклучува Николс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот