Се бара слобода за 23-годишната Пале од Велес – убиството било самоодбрана, тврдат роднините

23-годишната Пале, која е во притвор поради убиство на партнерот

Роднини на 23-годишната велешанка Пале Иловска, која е приведена за убиство на својот вонбрачен партнер, полицаецот Александар Р.(40) бараат да биде ослободена, бидејќи, како што тврдат, убиството го извршила во самоодбрана, борејќи се за здив додека тој ја давел, пишува „Фокус“

Соседи на двојката по трагедијата изјавија за локалните медиуми дека често ја малтретирал жената, со која бил во врска неколку години. Александар бил проблематичен и веќе осудуван за изнуда, како и поради тоа што прегазил шестмина тинејџери со автомобил.

Случајот во Велес ја вознемири јавноста и покрена низа прашања: како се дозволило полицаецот да помине само со условни казни, но и како се дозволило лица со проблематично однесување кои го прекршиле законот да работат во полиција, се најчестите прашања на кои се бараат одговорите.

На Иловска ѝ беше одреден 30-дневен притвор. Нејзината прва братучетка во текстот на петицијата раскажува за тешкиот живот на Пале и вели дека решила да ја раскаже вистината, со барање таа да добие условна казна.

„Млада девојка без грижа од родителите на 16, 17-годишна возраст, пронаоѓа утеха во погрешна личност. Родители разведени, мајката болна, брат на мојот татко, нејзин татко, сега веќе починат. Сестра со која не живее поради дотичниот, бидејќи после смртта на мојот чичко, сака целата куќа да биде префрлена на неговата девојка. Се влечат по судови, дотичниот ја напаѓа нејзината сестра со закани дека по секоја цена мора да и ја препише куќата на сестрата, верувам за потоа по секоја цена да и ја земе, и да ја остави на патот…

Поранешните сопруги на А.Р. имале каде да се вратат, кај своите родители, а мојата братучедка останува сама, заробена во својата куќа. Никогаш досега се нема пожалено на никој дека е малтретирана, а притоа секогаш беше насмеана. Замислете со што сама се справувала.

Не го поддржувам тоа што го направи, ама верувам дека секој човек би се борел за сопствениот живот. Верувајте ми, душата ме боли. Еве ви ја вистината и се надевам ќе се најдат добри луѓе кои би помогнале, би се бореле за неа, до неа, да добие условна казна. Јас сум со неа, Господ нека и е на помош“, пишува во петицијата.

Според Обвинителството, по вербална и физичка расправија меѓу парот, А.Р. ја фатил за врат со намера да ја дави, па осомничената со нож му нанела убодна рана во пределот на левата страна на градниот кош која резултирала со смртна последица. Нејзе и е одреден притвор во траење од 30 дена.

По објавата на веста, испливаа детали од минатото на убиениот полицискиот службеник. Тој зад себе има прекршувања на закон и двапати бил осуден условно, еднаш за сообраќајна несреќа што се случила во 2010 година кога удрил во шестмина тинејџери со автомобил, кој го управувал со голема брзина, а потоа и за второто кривично дело – Изнуда, кое го сторил во 2016 година пред нотар во Велес, кога осомничената за убиството и нејзината сестра се договарале за оставинската постапка, а починатиот ѝ пришол на сестрата, ја фатил за врат и се заканил со зборовите „ќе ти го скршам вратот ако не ѝ ја препишеш куќата на сестра ти“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот