Се бара оставка на Џафери: Недостоен е да го води Собранието!

Талат Џафери / Фото: МИА

Фрапирани сме од примитивизмот на Талат Џафери, кој ја извршува должноста претседател на Собранието, кој мислејќи дека камерите се исклучени, ги навредува и со најпогрдни пцости ги малтретира вработените во Собранието – велат од ВМРО-ДПМНЕ и бараат негова оставка.

Лавина реакции во јавноста и молк од претседателот на Собранието Талат Џафери предизвика објавената аудиоснимка на која се слуша како тој им вика употребувајќи вулгарни зборови на собраниски службеници по завршување на пленарна седница. Од кабинетот на претседателот за „Слободен печат“ велат дека Џафери нема да се изјасни за инцидентот, а вината за непримерниот речник ја префрлија на собраниските служби. Опозицијата побара првиот меѓу еднаквите да поднесе оставка. СДСМ и ДУИ, пак, молчат и одбегнуваат да го коментираат скандалот.

– Претседателот на Собранието Талат Џафери нема да дава никаква изјава – ни изјавија од кабинетот на претседателот.

Според објаснувањето од кабинетот на Џафери, одговорноста е на тие што не го исклучиле тонот и не ја прекинале снимката. Оттаму не сакаа да коментираат дали Џафери ќе понесе некаква одговорност.

За однесувањето на Џафери реагираше ВМРО-ДПМНЕ и побара тој да поднесе оставка. Според опозицијата, скандалозен и примитивен е односот на Џафери, пцостите и навредите за вработените се недозволиви.

– Кога крими-коалицијата СДСМ и ДУИ нема аргументи, деспотот од Форино станува нервозен. Фрапирани сме од примитивизмот на Талат Џафери, кој ја извршува должноста претседател на Собранието, кој мислејќи дека камерите се исклучени, ги навредува и со најпогрдни пцости ги малтретира вработените во собранието. Односот на Џафери, кој може да се слушне во видеоматеријал објавен во медиумите, е скандалозен, примитивен и целосно недозволив. Односот на Џафери е и слика како се однесува оваа власт на СДСМ и ДУИ со вработените во институциите и со народот воопшто. Тие вработени што Џафери ги пцуе се нечии синови, ќерки, мајки, татковци, сопружници – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Портапролот на партијата Наум Стоилковски на прес-конференцијата повика на оставка на Џафери наведувајќи дека тој веќе е недостоен да го води и да биде член на законодавниот дом.

– Не постои друг чекор по примитивизмот на Талат Џафери освен негова оставка! Талат Џафери, со сиот негов примитивизам во Парламентот, е недостоен да го води и да биде член на законодавниот дом – истакна Стоилковски.

Според него, станува збор за потврдена снимка од Талат Џафери.

– Во прашање ја доведува и неговата деловна способност, но и дали зад вулгарностите постојат зависности на Талат Џафери, коишто предизвикуваат апстиненцијални кризи и невозможност за рационално водење на седниците на Собранието? Не постои оправдување за ваков простотилак и прашање е дали сите коалициски партери во крими-власта го поддржуваат и би го оставиле без осуда ваквото примитивно однесување – вели Стоилковски.

Од Алијанса за Албанците велат дека таков мобинг и однесување има во повеќе институции, само што во Собрание тоа јавно се слушнало.

– Подолго време, не само Џафери туку и другите функционери на ДУИ, на ист начин ги третираат и државните службеници и граѓаните, а често се обидуваат така да се однесуваат и со пратениците. Ова е типично однесување на режим, на диктатура кои функционират само со страв и закани. Но, како што гледате, одамна ова не им поминува кај пратениците, а веќе почнале да реагират и да пријавуваат и службениците кои не трпат веќе диктатура. Наскоро и граѓаните ќе им го дадат одговорот и заедно сите ќе ги ослободиме од ваквиот брутален режим – вели за „Слободен печат“ Илирие Даути, координаторка на пратеничката група на Алијанса за Албанците.

Снимката која се појави на социјалните мрежи е извадок од преносот на седницата на Собранискиот канал на МРТВ, а според коментарите на објавите, таа е направена по завршувањето на седницата. Собранискиот спикер веројатно не знаел дека микрофоните и натаму се вклучени и дека преносот сѐ уште трае.

„Сите од служба, конкретно од седници, веднаш кај мене, сите позади што седат сите до еден, вие што сте на плата и уште си е*авате мајка овде. Што бараш бе ти овде, ајде бегај таму, бегај, излези!“, извикува Џафери на снимката, пред уште повеќе да го повиши тонот.

Според коментари на пратеници, на Џафери му се „споиле жичките“ на седницата на која поради блокадата на ВМРО-ДПМНЕ, Собранието по два дена конечно го утврди дневниот ред. По седницата, кога пратениците излегле од салата, поради грешка на некој од службите во врска со седницата, Џафери избувнал и ги навредил присутните службеници. Никој од пратениците коишто ги контактиравме не сакаше јавно да го коментира инцидентот на првиот парламентарец, иако го осудуваат неговото однесување. Тие велат дека со непристојниот речник Џафери го урива дигнитетот на Собранието и дека не е важно дали вулгарностите се кажани по седницата, бидејќи пратеникот е 24 часа пратеник. Од друга страна, дел од собраниските службеници со кои контактиравме велат дека Џафери, главно, бил коректен кон вработените.

Иако побараа оставка од претседателот на Собранието, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ велат дека засега нема да поднесат интерпелација за неговата работа и дека прво ќе чекаат тој самиот да се произнесе за инцидентот. Неофицијално се коментира дека Џафери во следните 10 дена нема да свика седница и дека нема да се појави во Собранието за целата работа да се подзаборави.

Нема одговор ни дали некој од 120-те пратеници размислува да поведе постапка против Џафери за прекршување на Кодексот за етичко однесување на пратениците. Вербалниот инцидент на претседателот на Собранието, според Кодексот, може да се подведе под главата „тешки повреди“, односно член 14 алинеја 4, каде се вели дека  тешка повреда на Кодексот е да „врши притисок на државните службеници и на другите вработени во Службата на Собранието во извршувањето на нивните работни задачи“.

За Џафери да одговара за прекршување на Кодексот треба некој од пратениците да достави пријава до собраниската Комисија за деловнички и мандатно имунитетни прашања. Со пријавата пратеникот треба да достави и докази со кои се докажува дека е прекршен Кодексот. Комисијата нема истражна надлежност, туку ги разгледува доказите и носи одлука дали пратеникот сторил повреда на Кодексот и каква. Доколку станува збор за лесна повреда пратеникот добива опомена, а ако повредата е тешка, пратеникот јавно ќе биде опоменет. Според информациите, за време од три години од кога е на сила Кодексот ниту еден пратеник не бил пријавен за прекршување на етичкиот Кодекс.

Ковачевски не коментира бидејќи не гледа кој со коги зборува

Премиерот Димитар Ковачевски ја погледнал снимката на која се слуша гласот на претседателот на Собранието Талат Џафери, но не ја коментира зашто, како што вели, од неа не се гледа ниту кој разговара, ниту со кого разговара.

– Таа снимка ја погледнав, но се работи за некаков разговор на кој не се гледа ниту кој разговара, ниту со кого разговара. Затоа, од таа причина не можам да коментирам дали претседателот на Собранието разговара со некого во сала, дали е тој вработен или не е. Навистина не можат да дадам конкретен одговор зашто на снимката не се гледа кој зборува и со кого зборува -изјави Ковачевски.

АУДИО: Џафери ги загуби нервите, извикува вулгарности кон собраниските службеници

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот