Се бара фудбалски Михајло Михајловски

Атанас Костовски, Фото: Архива

Завчера, на 22 јули, ФК Вардар го прослави својот 73. роденден. Ми се јавија неколку пријатели, едноставно ме прашуваат – што се случува со нашиот Вардар? Еден мој врсник ми вели – па, откога паметам ти навиваше за Вардар, потоа со децении го следеше како новинар, па беше и портпарол и претседател на клубот, мора да знаеш што се случува со нашата фудбалска гордост?

Признавам, долго сум предалеку од случувањата во нашиот најтрофеен клуб, па дури не го запознав  и неговиот сѐ уште актуелен „газда“ Сергеј Самсоненко. По сѐ она што се случи, очигледно на Сергеј ракометарите и ракометарките му беа прва спортска љубов. Добра проценка, со помалку вложени пари, постигна спектакуларни успеси. Скопје долго беше европска ракометна престолнина. Му благодариме за двете европски шампионски титули…

Неажурирана веб-страница

На веб-страницата на клубот читам дека ФК Вардар го прославува својот 23. роденден и дека „оваа сезона тимот се закити со 11-та шампионска титула од осамостојувањето на Република Македонија, или 12-та вкупно, сметајќи ја онаа во Југославија. Но Вардар, за жал, нема да игра во Европа во Лигата на шампионите поради недобивање на потребната лиценца. Во очекување сме на подобри времиња за клубот, за навивачите и, воопшто, за фудбалот во нашата земја. Затоа што Вардар е еден, Вардар е синоним за фудбалот во Македонија! Среќен роденден Вардаре! Да ни живееш и да нѐ радуваш уште долго, долго…“

Не знам, можеби истата содржина беше напишана и на 22 јули 2019 година, па и тогаш, како и сега, Вардар не доби лиценца, односно фудбалска виза да игра во еврокуповите. Но, сѐ уште сум на веб-страницата на клубот, па еве што, на 15 мај 2020 година,  напиша сопственикот Сергеј Самсоненко: „Заедно постигнавме многу, но, за жал, околностите се такви што јас морам принудно да се повлечам од оваа приказна. Воедно ја информирам јавноста дека ги преземам сите веќе  доспеани обврски на клубот со цел да го отворам патот за нови, идни инвеститори кои искрено посакувам и се надевам дека ќе успеат во иднина да го задржат успешното функционирање и реномето на клубот кои ние го изградивме во минатиот период.“

Не знам што тоа господинот Самсоненко мислел кога го напишал она „принудно“, но веќе подолго време е познато дека патот за новите инвеститори се отвора со подмирување на обврските кои изнесуваат околу 3 милиони евра. Денеска во Фудбалската федерација на Македонија ќе биде познат распоредот на натпреварите на 12 прволигаши за новата 2020/21 натпреварувачка сезона, добро е за Вардар што овој пат  не се плаќа задолжителната прволигашка котизација. Тренерот Александар Васоски деновиве изјави дека „Вардар е на апарати, едвај дише, би сакал да апелирам да не ги исклучуваат, затоа што македонскиот бренд треба да се спаси… не дај боже да биде префрлен во четврта  лига!“ Фудбалерите, пак, во заедничкото соопштение му се заблагодаруваат на Самсоненко за вложувањата во клубот, но и истакнуваат дека на крајот сите ги разочара и ги остави на цедило. А за раководството на клубот велат дека „голема срамота е тимот наместо да игра за Лигата на шампионите и да продаваат фудбалери, тие дозволија клубот да го допре дното!“

Во настојувањата на моите драги пријатели да им ги доближам случувањата околу  нашиот Вардар, ред е да го пренесеме и дел од соопштението на навивачката група „Комити“ од 19 јули 2020 година. Тие најнапред им се заблагодаруваат на фудбалерите за најновата шампионска титула, па истакнуваат: „Честитки момци, капа долу тетовче! И како играч на Вардар и како тренер, но пред сѐ, како човек, ти се восхитуваме и уживаш безрезервна  поддршка од целата црвено-црна армија! Благодариме што ФК Вардар е над партиските интереси, па и од тој аспект може да кажеме дека сите се за Вардар, без разлика на политичките бои и радува што поддршката е активна. Убаво е да се види дека Вардар повторно обединува!“. Двапати ги прочитав овие редови, веродостојно ви ги пренесувам…

Во време на ковид-19 и парламентарните избори, многумина, а пред сѐ Сергеј Самсоненко, заборавија на своите обврски и ветувања. Новото првенство е на прагот, и натаму е неизвесна судбината на актуелниот македонски фудбалски шампион. Да, некој е виновен што вардаровите талентирани фудбалери по вторпат изостануваат од европската фудбалска сцена, односно од  европскиот пазар. Во моментот, по завршувањето на парламентарниот натпревар, можеби доаѓа време и некој да се присети на проблемите на тренерот Александар Васоски и неговите талентирани фудбалери. Радува сознанието на „комитите“ дека Вардар повторно обединува, но сето тоа треба да се претвори во неопходната финансиска „инфузија“ директно кај тренерскиот и играчкиот состав!

На потег е Сергеј Самсоненко

Во моментов, постои интерес и во Бугарија (Благоја Георгиев) и во Германија (Феликс Магат) за инвестирање во Вардар, но не и за покривање долгови, туку за вложување во иднината! Во моментов, потребно е да се повтори ракометниот рецепт, да се појави „фудбалски“ Михајло Михајловски! Во првите наши транзициски години тогашните „социјалистички“ гиганти Пивара, Железарница, Комерцијална банка, Макпетрол, Алкалоид, Цементарница се договорија заеднички да го финансираат Вардар. Љубовта не траеше долго, но барем многу помогна Вардар да го задржи својот квалитетен играчки потенцијал и убедливо, во тој период, да ги освојува шампионските трофеи. Во моментов во Скопје има расположение да му се помогне на Вардар, но за тоа треба и ажуриран вебсајт и многу поактивна управа… Не треба да се потцени и евентуалната помош на симпатизерите, зошто да не и купување на годишен влезен билет, односно нешто како иден акционерски влог во клубот… Време е Вардар да го искористи и спортскиот ваучер од Агенцијата за млади и спорт, раководството треба да направи сѐ за создавање барем на минимални услови за старт во новата сезона. Добро би било дури и Министерството за финансии да обезбеди можност, сите оние што сакаат да му на помогнат Вардар, повратокот на 15 отсто од ДДВ да ги уплатат на сметката за спас на македонската фудбалска гордост. Во право е градоначалникот  на Скопје Петар Шилегов – градот може да влезе во игра само со почетен резултат од 0:0.

За ова, сепак, на потег е Сергеј Самсоненко. Вети дека сѐ ќе биде ОК на 15 мај, поминаа и 15 јуни, па и овој 15 јули, можеби ќе биде еден 15-ти што го има секој нареден месец, прашање е само – кога?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот