„СЏФ Рекордс“ ќе го промовира деби изданието на Пијан Славеј

Во пресрет на 21. Оф-фест (1-4 јуни), Скопскиот џез фестивал ќе го промовира новото издание на „SJF Records“ – првата дискографска објава на Пијан Славеј. Промоцијата ќе се одржи на 18 мај, во 20 часот, во „Макка бар“ во Скопје.

Во снимањето на изданието учествуваа Бранислав Николов – глас, мини електрично пијано; Пеце Трајковски-Брада – дигитален акордеон, ел. гитара, синт, програминг; Андреа Мирческа – контрабас; Мартин Џорлев – клавијатури; Мартина Баракоска – тапани.

Деби-изданието на Пијан Славеј се состои од пет композиции, со вкупно времетраење од 18 минути. Автор на текстовите и музичката скица е Пијан Славеј (Бранислав Николов), а аранжманите и музиката во поширок контекст се дело на групата.

На изданието гостуваат Сара Мејс (харфа), Петар Христов (кларинет) и Никола Ристановски (глас). Песните се снимени, миксани и продуцирани од Ивица Јанкуловски во скопското студио „Алшар“. Дизајнот на омотот е на Александар Поповски – Цанче. Извршен продуцент на изданието е Оливер Белопета.

– Изворната идеја на овој акт беше да се свири поконкретна музика со поетски сензибилитет на една нова македонска шансона. А потоа, тоа стана импулс за послободна и поширока групна интерпретација, градба и наслојување. Сега сѐ повеќе доаѓа до израз развивањето на инструменталното ткиво врз зборовната коскеност.

Од нежен ламент до крик – чувството на изолираност и загуба како нов духовен пејзаж, но и потребата од вистинскиот уметничи допир и преживување, се суштинскиот драјв на оваа музичка експресија што постојано се трансформира во потрага по сопствен природен глас, истакнуваат од „СЏФ Рекордс“.

Покрај физичкото компакт-диск издание, Пијан Славеј ЕП ќе биде достапно и на сите популарни глобални дигитални платформи и стриминг сервиси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот